„Лудус“ со виртуелен шоурум ја претстави новата колекција (галерија)


Виртуелниот шоурум достапен на вебсајтот на „Лудус“ овозможува директна прошетка и набљудување одблиску на моделите што ја сочинуват колекцијата
 
 
Лудус“ ја промовираше последната колекција за есен/зима 2021/22 година насловена „Пост-родовост Поглавје IV“ со дигитална кампања и виртуелен шоурум. Новиот начин на претставување е во чекор со условите диктирани од пандемијата и технолошките достигнувања и предности на ВР технологијата.

Виртуелниот шоурум достапен на вебсајтот на „Лудус“ овозможува директна прошетка и набљудување одблиску на моделите што ја сочинуват колекцијата. Проектот беше направен со љубезно отстапување на денсинг салата од Младинскиот Културен Центар во Скопје, каде минатиот месец беше скенирана колекцијата поставена на 16 модели, од кои дел беа  поддржувачи и пријатели на брендот, а дел нови лица од агенцијата Моделс Ин.

Погледнете го виртуелниот шоурум на следниот линк:
https://ludus.com.mk/pages/virtual-showroom-aw21-22

 

Колекцијата е четврт дел од низата колекции насловени како „Пост-родовост“ и ја застапува темата на родова еднаквост и футуристичката визија за елиминирање на родот и родовите улоги. Истовремено таа е формално истражување на родовата неутралност преку модниот јазик и концептно продлабочување на естетиката на брендот започната пред неколку сезони. 

Со почетокот на пандемијата Лудус ги зајакна принципите на одржливост и етичко производство, па така и овој пат во колекцијата застапени се рачно и природно обоени текстилни парчиња, како и ботанички обоена волница од која се направени рачно плетени џемпери/фустани со издолжени пропорции. Токму џемперите се досега најодржливиот и најеколошкиот производ на „Лудус“ поради тоа што 100% природната сурова волна е набавена од локални производители во близина на Велес, а плетењето е направено од долгогодишната соработничка на брендот Верица Трифунова. Така е постигнат производ што не само што вклучува употреба и ревитализација на занаети и природни суровини што полека замираат, туку и нивното боење е целосно еколошко без никакви токсични материи што би влијаеле на животната средина или директно на кожата на потрошувачите.
Истотака направени се и кожени чевли во соработка со локален занаетчија, кои ја придружуваат колекцијата.

Колекцијата „Пост-родовост IV“ е составена од 16 родово неутрални комбинации на 23 парчиња облека изработени во неутрална палета на бои што вклучува црна, бела и сива боја, овој пат надополнета со кафени и вилоетови природни тонови, добиени со рачно боење на волна и волница. Користени се висококвалитетни 100% природни памуци, рунски волни и волници од македонско потекло што може лесно да се рециклираат, а при дизајнирањето користена е техника на кроеви со нула отпад. Парчињата се целосно рачно направени со што е овозможена нивна долготрајност; така брендот се спротивставува на „брзата мода“ и прекумерното и неодговорно конзумирање на модата и „брзата“ модна индустрија. 
 
„Лудус“ е застапен на странскиот пазар преку продажбата од сопствениот сајт ludus.com.mk, неколку интернет продавници во Европа, Англија и САД, како и концептуалната продавница „Пентља“ во Љубљана, долгогодишен застапник на колекциите на „Лудус“ каде ќе може да се најде и оваа колекција.

Колекциите на „Лудус“ од  Драган Христов (дипломец на академијата за ликовни уметности „Брера“ во Милано) се засновани на елементарните човекови чувства, најчесто меланхолични и тажни. Родово неутралните парчиња од висококвалитетни природни материјали се изработени во естетски минималстички, монохроматски  и склуптурни силуети. Најновиот чекор на етикетата кон целосна одржливост е рачното боење со природни ботанички состојки на дел од материјалите во колекцииите.

Фото: Филип Бојковски

 

Промотивно видео за Виртуелниот шоурум за колекцијата есен/зима 2021/22