Лудус со најдобро шоу на Модната недела во Љубљана


Македонската модна етикета Лудус се закити со наградата .„WOW Show“ на Љубљанската модна недела минатиот викенд.

Љубљанската модна недела се оддржа овој пат во посебни услови диктирани од пандемијата, а 10-те дена беа полни со дигитални, ревијални и инсталациски презентации на модните дизајнери од Словенија и регионот. Се затвори на 10 октомври со доделување на наградите за најдобрите презентации и колекции.

.„Лудус“ беше поканет да учествува во делот на модните филмови на дизајнерите кои поради пандемијата беа спречени да бидат присутни на овогодишното издание. Промоцијата се случи на 5 и 6 октомври во МАО – Музејот за архитектура и дизајн на Словенија.

„Лудус“ ја претстави последната колекција „Реквием: Пост-родовост III“ со видео каталог изработен од видеографот Мирослав Илиќ, со моделите Ивана Манасиевска (Моделс Ин) и Стефан Китановиќ и шминка и фризура на Мартина Ивановска.

Колекцијата е трет дел од низата колекции насловени „Пост-родовост“ и ја застапува темата на родова еднаквост и футуристичката визија за елиминирање на родовите и родовите улоги, а овој пат е истовремено и обид на авторот Драган Христов за омаж на западната цивилизација и култура и говори за нејзината деклинација во нашите „анти-интелектуални“ времиња. Присутни се очигледни визуелни референци од античките и класицистичките историски костими што се адаптирани во современ производ без трендовски ознаки.

„Лудус“ е застапен на странскиот пазар преку продажбата од сопствениот сајт ludus.com.mk, неколку интернет продавници во Европа, Англија и САД, како и концептуалната продавница „Пентља“ во Љубљана, долгогодишен застапник на колекциите на „Лудус“ каде може да се најде и оваа колекција.