Луда одбрана на возач на „тесла“: „И да сум ја убил жената, автопилотот беше вклучен“


Еден возач на „тесла“ (42) кој првично негираше дека убил жена кога ја удрил со својот автомобил, сега вели дека „не може да се сети дали ја прегазил“.

Ако и ја удрил жената, вели тој, причината за тоа е што автопилотот бил вклучен додека ги проверувал мејловите, така гласи одбраната на овој возач пред судот во место во близина на Минеаполис, во САД.

Во јануари со автомобил удрил жена која го шетала нејзиното куче, а потоа избегал од местото на настанот. Жената подоцна им подлегнала на повредите, а полицијата пронашла неколку докази кои укажуваат на неговата потенцијална вина.

Прво, во близина на телото на жената е пронајден бришач, а второ, видеото од надзорот на кое се гледа Tesla Model X се совпаѓа со историјата на повици на овој маж. Исто така, констатирана е мала штета на совозачката страна од автомобилот.

Обвинението сè уште не е поднесено, но адвокатот на човекот рече дека „неговиот клиент соработува со властите и објасни дека неговиот автомобил најверојатно ја користел функцијата автопилот“.

Возилата на „тесла“, како што постојано забележува компанијата, сѐ уште се далеку од тоа да можат сами да возат. Од компанијата затоа велат дека „возачите мора да бидат подготвени да ја преземат контролата во секое време, што вклучува и сопирање“.