ЛСИ по објавените прислушувани разговори ја повика Владата да даде оставка


Потпретседателот на третата по големина политичка партија во Албанија, опозициското Социјалистичко движење за интеграција(ЛСИ) Петрит Васили ,коментирајќи ги објавените прислушувани разговори за тоа „како се купуваат гласови во Албанија“, оцени дека тоа е потврда дека „земјата е заробена од криминалци“.

Пренесувајќи го ставот на партијата, Васили ја повика Владата по овој сканал за 24 часа да поднесе оставка, бидејќи Албанците не може да прифатат да бидат предводени од криминалци.

-Албанците денес видоа како криминалците ја раководат власта, како криминалците наметнуваат власт, како криминалци командуваат со премиерот, градоначалниците, директорите и сите други. Албанците денес сфатија дека оние кои не гласаат за Еди Рама остануваат без работа. Албанците видоа дека имаме мртва држава, рече Васили.

Според него ниту премиерот, а ниту министрите не можат да останат ниту 24 часа во нивните канцеларии.

-Понатамошното нивно останување е државен удар на најнезаконски начин. Овој премиер и неговите министри треба да ги напуштат канцелариите, бидејќи чукна часот за одмазда на народот, порача Васили.

Претходно реагираше и лидерот на опозициската Демократска партија Љуљзим Баша, оценуваајќи дека тоа е „радиографија на мафијашката и нелегална власт на Еди Рама“. Баша на Фејсбук напиша дека овие разговори ја покажуваат моќта на организираниот криминал во земјата.

Германскот весник „Билд“ во денешното издание во написот под наслов „Како мафијата манипулира со изборите во Албанија“, пренесува снимки од разговори направени од албанските истражни органи, каде се слуша кои мафијашки кланови купувале гласови за партијата на премиерот Еди Рама на последните парламентарни избори одржани во јуни 2017 година.