„Лошо срочена изјава“: Јаневска се извини за идејата околу учебниците за странски јазици


 

„Не дообјаснив како што треба. Не станува збор за странските јазици. Станува збор за култура и јазици на заедниците“.

Министерката за образование денеска се извинуваше за нејзината вчерашна изјава, која јавноста ја пречека со неверување и во која рече дека нема да има учебници по странски јазици за следната учебна година, а учениците и така јазиците ги учеле од серии, па не им требало да учат граматика на странски јазици.

„Се разбира дека граматика треба да се учи по наставни програми и учебници, но во однос на учебниците за јазик и култура на заедниците, потенцирам дека најголем дел од тие учебници, Бирото не ги одобрил заради неквалитет на понудените учебници и сакав да кажам на пример дека во понудените учебници се повторува материјал кој децата го учат во својот мајчин јазик, како дефиниција за именка, заменка, предлог. Кога се учат јазиците на заедниците, треба да се фокусираме на комуникативниот јазик“, рече Јаневска

„Со години ги нема (учебниците). Тој тендер е многу пати е поништуван и има приговори. Се додека не заврши постапката, јас не можам да објавам нов тендер. Во образованието ништо нема евтино и станува збор за огромни суми на пари“, рече Јаневска во изјава за медиумите.