Лондонско дерби во омразениот Баку: Арсенал за место во ЛШ, Челзи за последен трофеј на Азар


Лоднонските ривали Арсенал и Челзи вечерва од 21:00 часот ќе се соочат на Олимпискиот стадион во азербејџански Баку за трофејот во второто по квалитет европско натпреварување.

Двете екипи си имаат свои мотиви. Унаи Емери сака да покаже дека ова натпреварување е негово, каде претходно доминираше со Севиља, а победа во вечерашното финале значи и место во ЛШ за неговите „Топчии“. Од друга страна, Маурицио Сари сака со трофеј да ја заврши сезоната во која имаше многу турбуленции, а по завршувањето на сезоната најверојатно ќе остане и без најдобриот играч Еден Азар кој ќе се пресели во Реал Мадрид.

Одлуката финалето да се игра во Баку не беше добредојдена кај навивачите, а сето тоа доби уште поголема димензија откако двата англиски клуба се пласираа во финалето. И навивачите и играчите ја критикуваа оваа одлука на челниците на УЕФА, а дури шест илјади влезници вратиле двата клуба кои ги добиле од евроската фудбалска федерација бидејќи не успеале да ги продадат кај своите навивачи кои се одлучија за бојкот.

Сари и Емери ќе удрат еден на друг за европски трофеј и сигурно е дека ќе нема изненадувања во составите и стратегијата на ривалите бидејќи добро се познаваат од Премиер лигата. Сепак, тренерот на Арсенал може да се пофали дека трипати во низа ја освојуваше Лигата на Европа и дека неговиот тим последен пат го совлада Челзи со 2:0 во јануари. „Сините“ не се загрижени за тоа, бидејќи ако Еден Азар биде на нивото, сите комбинации на „Топчиите“ секако можат да паднат во вода.

Сигурно е дека нема да има премногу калкулации, двајцата стручњаци преферираат технички и офанзивен фудбал со многу посед, сосема различно од директниот островски фудбал, па затоа и нема сомнежи дека вечерва сите љубители на фудбалот ќе уживаат.

Челзи (4-3-3): Кепа – Аспиликуета, Кристенсен, Давид Луиз, Емерсон – Канте, Жоржињо, Ковачиќ – Педро, Азар, Жиру.

Арсенал (3-4-3): Чех – Сократис, Кошчелни, Монреал – Мејтланд Најлс, Тореира, Џака, Колашинац – Лаказет, Озил, Обамејанг.