Локвенец: Ќе се реализираат средствата кои беа наменети за капитални инвестиции во делот на железничката инфраструктура


Македонски железници – Инфраструктура одговорно стои на ставот дека ќе бидат реализирани средствата кои беа предвидени за капитални инвестиции, водејќи сметка за динамиката на процесите кои се водат во овој момент за реализација на тие проекти, порача денеска генералниот директор на компанијата Хари Локвенец.

-Годишната програма за работа на Македонски железници – инфраструктура е подготвена по сите сугестии на нашата Влада, меѓутоа измените на годишната програма се поврзани со таканаречените обични трошења на средства кои се поврзани со секојдневното функционирање не навлегувајќи во оперативните инвестиции поврзани со безбедноста и сигурноста на железничкиот сообраќај. Мое мислење е дека никако не смееме да кратиме на капиталните инвестиции кои се суштински дел за враќање и на капацитетот и на кондицијата на домашната економија, рече Локвенец во одговор на новинарско прашање пред почетокот на бизнис форумот во Стопанската комора со австриски компании заинтересирани за инвестиции во патната и железничката инфраструктура во земјава.

Прецизира дека скратувањата се во делот на обичното и секојдневно функционирање на компанијата по сите препораки што ги даде Владата како заклучоци од владината седница.

-Капиталните инвестиции се вистинскиот начин на трошење на пари, кој на сите нам би ни помогнал полесно и побрзо да излеземе од кризата, посочи Локвенец.