Логин: Пред министерот се зборува слаткоречиво – куќата на Есма Реџепова да се претвори во музеј
Куќата на Есма Реџепова, најголемиот макеоднски музички бренд, која по својата смрт ја остави куќата на државата и од тогаш таа пропаѓа, да се претвори во музеј, повикува Логин Кочишки од „Пасворд продукција“, на денешната конференција во организација на Skopje Design week 2024, во соработка со Министерството за култура за развој на креативен туризам – Обединување на сите чинители.
Повикан да зборува веднаш по министерот за култура Зоран Љутков, за што му беа дозволени пет минути, Кочишки рече дека во живот не зборувал пет минути.
Во своето претставување пред присутните кажа дека се вика Логин Кочишки „Пасворд продукција“, „главно се занимава со криминал, мито и корупција во културата и сѐ кадешто нешто смрди, секогаш акцентот ставете го на Логин“.
– Дваесет и шесто издание на „Таксират“ годинава, „ПИН конференција“ – единаессетто, петнаесетто издание на „Д Фестивал“ наредната година. Го поздравувам министерот. Првпат ми е после 26 години да прифатам какво и да е општење со медиуми со други сродници по крв и по националност, затоа што сум сметал дека решение никогаш нема да најдеме. Сега навистина прифатив откако ме уверија дека претставници на министерството за култура ќе бидат присутни, што е феномен. Бидејќи, секогаш каде што ќе се појави министерот идат слатки зборови, јас ќе пробам од обратната страна да не бидам толку слаткоречив“, најави Логин.
Почна од конкурсот за култура, „кој од старт нѐ осакати за годинава“.
– Ние имаме традиционално масакрирање. Годинава, исто така, го осетивме, затоа што ние во културата сме ограничени на временски рокови, се викаат: 40, 20 по 20. Четириесет малце ни е години, да не кажам лош збор, малце ни е премногу, затоа што Македонија постои 30 години, а „Таксират“ е најстариот фестивал настанат во Македонија. Во моментов, можеби најуспешен фестивал во државава, се случува во Дојран се вика „Д фестивал“, кадешто 10 до 15.000 луѓе доаѓаат. Тој, за жал, сега ќе направи веројатно 10 чекори назад со оглед дека е лимитиран. Бидејќи министерот е тука, тука се претставници, ќе сакам да апелирам, до крајот на мандатот да направат корекции, можеби според местоположба, можеби според кквалитет, а секако дека годините се важни во постоењето – апелираше Кочишки.
Тој го зеде „Д фествал“ како пример: до пред три години немаше ни табла на автопатот, да свртатсрпските туристи или кои и да се туристи. Ние се трудевме барем за тие три – четири дена да дадеме насока каде се наоѓа Дојран, познат по лошите мемории на комарците кои сите ние сме ги доживеале како деца. Денеска „Д фестивал“ мислам дека е најголемиот двигател на Дојран, затоа што 10 до 15.000 луѓе сигурно оставаат барем по стотина евра во градот. Ние намерно станавме вегетаријански фестивал, не само затоа што јас сум поклоник на вегето, напротив канибал сум, туку затоа што сакавме луѓето да трошат и по кафеани и по ресторани, сите да имаат некаков импакт од тоа што го правиме во Дојран. Исто така и временската рамка која ја бираме за фестивалот не е во традиционалните празници како што е 2 Август, кадешто очекуваме наплив на туристи, туку напротив ние доаѓаме на почеток на сезоната или крајот на јуни, кадешто сакаме да му помогнеме на Дојран да ја отвори туристичката сезона. Серкоја година кога ќе дојдеме на припреми на фестивалот два дена претходно, домаќинот ни вика: три дена лежев на улица, кола не помина. Фала ви што дојдовте! – раскажа Кочишки
На крај од своето излагање рече дека има еден завет кој сака да го пренесе.
– Кога зборуваме за туризам, вински патишта и слично, бидејќи доста се шетам по светот, казнет сум да крстарам преку целата година, најголем музички бренд што некогаш настанал во Македонијасе вика Есма Реџепова, која долго ја убедував да не ја остави куќата на државата, бидејќи нема да ѝ се врати. Таа реши да ја остави куќата која никогаш не се трансформира и претвори во музеј. Затоа еден апел, да се земат и најдобри адвокати и сѐ што треба тоа ќе биде една одлична туристичка дестинација – заврши Кочишки.
Денешната конференција беше организирана со цел да се развие културниот туризам, односно да се направат туристиќки рути, преку кои одредени дестинации ќе бидат ставени на туристичката мапа, па кога луѓето ќе сакаат да ја прошетаат Македонија, да има што да се види и да им се долови на тие посетители.
„Со развојот на креативните индустрии, во една поинаква стратешка рамка во интегрирано министерство за култура и туризам, ќе овозможиме луѓето, оние кои се занимаваат со култура, иднината да ја гледаат надвор од институциите. Можноста да се отворат приватни театри и слични установи е патот што треба да го следиме. Еден од важните аспекти е мапирање на конкретните културни вредности и во делот на фолклорот и туризмот, бидејќи ние самите малку сме запознаени какви се самостојни иницијативи постојат. Ќе ни бидат потребни повеќе вакви јавни дебати за да можеме да оформиме стратегија и посебни програми што ќе ги спојат двата сектори.“, рече министерот Љутков.
На првиот панел од оваа конференција на темата „Културните оператори двигатели на локален економски раст и развој – привлекување странски посетители“ како панелисти, покрај Логин Кочишки, зборуваат и Владица Младеновски, Грга, МКЦ Скопје, Тодор Ивановски, Локумфест, Битола Тошо Чочороски, КУД Дримкол, општина Вевчани – Вевчански карневал Марија Ѓоргова, државен секретар, Министерство за култура и туризам.
Младеновски – Грга од МКЦ, рече дека фестивалите што ги организираат стануваат атрактивни за регионот.
„Носиме големи имиња на фестивалите, и имаме најниски цени на билетите во регионот. Станавме конкурентни и интерсни и за грчки посетители, што остануваат секако како туристи во Скопје. Се надева, дека во иднина ќе направиме подобра платформа за да ги споиме искуствата.“, рече Младеновски – Грга.
Тоше Ивановски, културен работник, арт директор на Локум фест кој постои 19 години ја поздрави иницијативата за спојување на ресорите, за која рече чека 30 години а за него е шокантно во позитивна смисла. „Локум фест“ има голем потенцијал во насока на фестивал кој може да го раздвижи туризмот во Битола, но за ова е потребно внимателно интегрирање на искуствата на сите линители“, рече Ивановски.
Тоше Чочороски, претставник на туристичкото стопанство, рече дека спојувањето на секторите е голем предизвик но се надева дека тоа нема да остане само на ентузијазам.
„Туристите треба да ги препознаат културните манифестации, да се стремиме туристите да останат тука заради културните настани. Потребна ни промоција, креативните индустрии се многу важни, но кога ќе станат дел од програмата на тур операторите“, рече Чочороски.
Марија Ѓоргова, државен секретар, Министерство за култура и туризам рече дека
треба да се следат и искуствата на соседните земји во начинот на кој го менаџираат културниот туризам, и дека е потребно да се најдат модели за субвенционирање и надвор од буџетските пари.
Вториот панел ќе биде посветен на темата “Како да ги разбереме туристите кои ни доаѓаат? А панелисти се Аккан Махмут, национален коодинатор за туризам во Влада на Македонија Владимир Граматиков – ТАВ Македонија, директор на маркетинг Зоран Тодоровски Паладиум груп Македонија Ивана Брдаровска, Balkan Prime Tours Јованка Ѓорѓевска.
Од оваа конференција се очекува да произлезат идејни проекти за понатамошна соработка на поле на култура и туризам.