Лога: Со распуштањето на Судски совет и Советот на јавни обвинители се загрозува судската независност


Фото: Б. Грданоски

Обидот на мандатарот за формирање влада, Христијан Мицкоски, да се распуштат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, е обид да се дисциплинира судската власт, истакна денеска техничкиот министер за правда Кренар Лога, на брифинг со новинарите.

На брифингот, Лога нагласи дека со распуштањето на двата уставни органи и прекинот на нивните мандати се загрозува судската независност. Тој посочи на судска пресуда од Европскиот суд за човекови права, за повреда на Конвенцијата во случајот Гржеда против Полска, каде на судија од Полска предвремено му бил завршен мандатот за член на полскиот Национален судски совет, со што ЕСЧП донел одлука дека судството било изложено на мешање од страна на извршната власт.

– Денеска имав можност да споделам со новинарите две битни пресуди од домашна институција, како и од Европскиот суд за човекови права. И во првиот и во вториот предмет се докажува дека не може да се направи прекин на мандат на институција која е загарантирана со право од Уставот. Ја имаме пресудата од Европскиот суд за човекови права за предметот Гржеда против Полска, каде децидно се кажува од страна на судот дека има повреда и дека била загрозена судската независност. Со тоа судството било изложено од мешање на извршната власт, рече Лога.

Во контекст на најавените реформи во судството од страна на Мицкоски, техничкиот министер Лога укажа на уште една пресуда од Управниот суд на Република Северна Македонија, поврзана со Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка на работен однос од втор степен.

– Втората пресуда е од Управниот суд на Република Северна Македонија, поврзана со Државната комисија за одлучување на државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка на работен однос од втор степен. Имаме две пресуди кои ни кажуваат дека не треба да има прекин на мандат или распуштање на овие уставни органи, порача Лога.

По завршување на брифингот со новинарите, Лога одржа прес-конференција на која му посака успех на идниот министер за правда и му порача дека е отворен да ги сподели неговите досегашни искуства, бидејќи како што рече, не е грешка да се признае вина или прими совет од политички противник.

– Добро е да ги наследи сите добри и лоши искуства од наша страна. И на мандатарот и на другите министри им посакувам успех. Не е грешка ако признаете вина, не е грешка ако примите совет од вашите политички противници. Јас советувам дека треба да биде помирен за тоа како треба да ги прифати сите решенија. Уште кога се отвори прашањето за Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ доби покана и можност да има претседател на таа работна група и до последен момент кога беше отворено прашањето за планот за раст од Европска унија беа поканети, но за жал не беа присутни, рече Лога.