Лога си ja зел со себе целата документација, ги нема ни препораките на ЕК
Министерот за правда, Игор Филков, извести денес на отчетот за „Стоте дена Влада“ дека многу споменуваниот документ за препораките на Оценската мисија на ЕУ не е на располагање во Министерството , односно – кога си заминувал од функцијата неговиот претходник, го зел со себе и документот, така што сега се снаоѓаат.
„Голем предизвик за нас е фактот дека Министерството за правда не располага со толку споменуваниот документ со препораки за Судскиот совет на Оценската мисија на Европската комисија. Иако документот е класифициран, истиот е земен од мојот претходник (Кренар Лога) и Министерството за правда не располага со него. Затоа, се потпираме на електронски верзии на дел од документите кои ги содржат препораките, без официјално образложение и без допис од ЕК“, рече Филков.
Ова тврдење Филков го дополни со оценката дека затекнал девастирано Министерство кога дошол на функцијата. Практично, тврдеше тој, затекнал целосно испразнет кабинет од документација, а место тоа нашол по 200 парчиња маици, чадори и чаши за кои фактурите не биле платени, односно му биле оставени тој да ги плаќа. Нашол исто така лаптопи, телефони и електрични скутери заедно со фактури за плаќање, но не и документација за кого се набавени и нефункционален возен парк.
Околу документот на Оценската комисија тој најави дека ќе одржи посебна прес конференција и ќе бара одговорност. (С.Ј.)