Лога: Лазар Нанев разрешен од Советот за ИКТ


Фото: Б. Грданоски

Судијата и претседател на Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи, судијата Лазар Нанев се ослободува од функцијата член на Советот за ИКТ и со тоа од функцијата претседател на ова тело, информираше денеска министерот за правда Кренар Лога.

Лога, на прес-конференција, денеска информираше дека иницирал и постапка за изработување на нов правилник за функционирање на Советот на ИКТ, врз основа на кој, како што најави, ќе биде формиран и нов состав на ова тело.

–  До Судскиот совет доставив допис за отворање на постапката за утврдување на одговорност за работата на претседателот на Основен суд Кавадарци, судијата Лазар Нанев, изјави Лога.

Лога, појасни дека по добивање и анализа на материјалите за седница на Судскиот совет констатирал дека во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија и евидентно е постоењето на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да му суди независен и непристрасен судија.

– Како што и досега повеќе пати имам изјавено така и сега стојам на ставот дека Министерството за правда и јас како министер нема да дозволиме во работни тела, совети и комисии кои се под состав или надлежност на ова Министерство да членуваат лица за кои постојат сериозни индиции за нарушен интегритет. Имајќи го предвид фактот дека Претседателот на Основниот суд Кавадарци е член и досегашен Претседател на Советот за ИКТ, заради сериозноста на наводите кои упатуваат на можни злоупотреби, кои воедно се поткрепени и со писмени наводи доставени од Вишото јавно обвинителство Скопје и до Министерството за правда, се до утврдување на целосната фактичка состојба во која е неопходно итно постапување и од страна на Судскиот совет ја информирам јавноста дека со Одлука за изменување на Одлуката за формирање на Советот за ИКТ, која ја донесов денеска судијата и претседател на Основниот суд Кавадарци е ослободен од должноста член на Советот за ИКТ, а со тоа и претседател на овој Совет. Во оваа прилика му се заблагодарувам за досегашната соработка, изјави Лога.

Заради воочени пропусти во работењето на ова тело, како и недостатоци во подзаконските акти со кои се регулира и начинот на неговото работење, Лога рече дека иницирал постапка за изготвување и донесување на нов Правилник за начинот и составот на Советот за ИКТ врз основа на која ќе определи и нов состав на ова тело.

– Постапката за донесување на новиот Правилник е веќе во завршна фаза и во најкус можен рок Правилникот ќе биде објавен и во Службен весник. Исто така, сакам да ја информирам јавноста дека до Судскиот совет доставив допис со барање за отворање на постапка за утврдување на одговорност/неодговорност на судијата и претседател на Основниот суд Кавадарци, Лазар Нанев. Во оваа прилика сакам да и појаснам на јавноста дека и до Судскиот совет во изминатиот период се доставени низа писмени дописи од Советот на јавните обвинители и Вишото јавно обвинителство Скопје во врска со поднесоци од граѓани за работата на судијата, кој воедно е и претседател на Основниот суд Кавадарци. И покрај фактот што во доставените материјали се присутни сериозни наводи кои укажуваат на нарушен интегритет на судија, како и индиции за можни злоупотреби и евентуални влијанија отсуствува постапувањето на Судскиот совет, изјави Лога.

Лога, исто така, посочува дека Министерството за правда покрај сите превземени обиди не успело да дојде до сознанија за, како што вели, какви било мерки кои Судскиот совет ги има преземено со цел испитување на фактичката состојба и утврдување на одговорност врз основа на сите доставени писмени наводи и индиции за судијата и претседател на судот во Кавадарди.

– Ја користам оваа прилика уште еднаш да го повикам Судскиот совет како самостоен и независен орган чија основна функција е да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт веднаш да отвори постапка за утврдување на одговорност за судијата и претседател на Основниот суд Квадарци, изјави Лога.