Лога ќе поднесе ново барање за етничка графа во матичните книги – сега во законскиот рок


Министерот за правда Кренар Лога ја поздрави одлуката за упатството за внесување етничка графа во матичните книги, најави дека ќе ја почитува но и дека наскоро ќе донесе нова одлука за истото упатство – но во законскиот рок. Тоа практично значи дека драмата со етничката графа не е завршена и дека реално тоа ќе стане дел од практиката на МВР, бидејќи уставниот суд вчера се повика на рокот а не на суштината . Имено, Уставниот суд го поништи упатството бидејќи утврди дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не бил испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави.

И пред да ја даде изјавата Лога со реакција на самофалбите на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, дека ја спречил етничката графа , му порача дека манипулира и кажува невистина. 

-Иницијативата на „Левица“ за оценување на уставноста на Законот за матична евиденција воопшто не влезе во постапка затоа што ги немаше потребните гласови на јавна седница на Уставен суд. Оваа одлука, која вчера ја донесе Уставниот суд се однесува на формалниот дел, за почитување на уставниот рок за објавување во Службен весник, а не и за материјалниот дел (содржина). Господине Апасиев, како политичар, можете да си дозволите себеси да манипулирате со популистички реакции во јавноста, но како професор по право, недозволиво е да кажувате невистини.Прво, оваа одлука не е донесена по Ваша иницијатива за оценување на законскиот рок, и второ, двојазичните изводи не се поништени, тие важат и истите беа во употреба уште во времето на твојот Тито. Така ќе останат и натаму, му порача Лога на Апасиев.

Денес, на брифинг со новинарите Лога рече дека одлуката на Уставниот суд не е во интерес на правната држава и дека сега Уставниот суд треба да ги поништи сите акти од повеќе министерства, меќу кои и тие за економија, екологија и здравство, ако не биде објавени во законскиот рок. Тоа според него ќе има и финансиски последици , а самиот поднел 20 иницијативи за преиспитување на  одлуки, од кои 10 како физичко лице, а десет акко министер. Сепак очекуваше Уставниот суд самоиницијативно да ја направи проверката. На масата каде што се држеше прес конференцијата беа наредени сите иницијативи испратени до Уставниот суд за кои чека одлука. (С.Ј.)