Лога ќе гради нов затвор, дотогаш осудени за „Монструм“ и илјада други ќе добијат амнестија

Министерот Лога вели дека станува збор за истиот закон од 2018 година што е во сила и не се додадени нови дела за амнестирање


 

Министерот за правда, Кренар Лога, не негираше денес дека меѓу тие што ќе бидат амнестирани со новиот Закон за амнестија се и двајцата осудени за помагање во случајот „Монструм“, апелирајќи законот да не се поврзува со конкретни лица – туку само со кривични дела.

Тој  остави можност меѓу амнестираните да има и некои поврзани со настаните од 27 април и со „Монструм“ ако биле осудени за полесни кривични дела, но негираше дека барање за амнестија на осудените за 27 април стигнало воопшто од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Лога смета дека ВМРО-ДПМНЕ би требало да се срамат и да не можат да се погледнат во огледало ако го блокираат донесувањето на законот, бидејќи според него станува збор за истиот закон од 2018 година што е во сила и што го предложила оваа партија, а во кој воопшто не се додадени нови дела за амнестирање туку обратно – се изземени уште неколку, меѓу кои тероризам, корупција, семејно насилство… Тој уште порача дека, ако законот не помине во Собранието, на тие што ќе го блокираат ќе им испрати албум со фотографии од условите во затворите.  

Браќата Хаки и Фејзи Азири се осудени на 9, односно на 15 години затвор за помагање во убиството на пет лица кај Смилковското Езеро. Неофицијалните анализи покажуваат дека ако се донесе законот како што е предложен од зад решетки ќе излезе и бизнисменот Сеад Кочан, осуден во случајот „Трансмет“, Карлито Bриганде осуденик за учество во ИСИС, Горан Смилевски осуден за грабеж на банка, као и извесни Беким Рама, Енсер Сулејмани, Есат Даути, роднини на членови на Алијансата за Албанците. 

 

„Ако со овој закон бидат опфатени и некои кривични дела што биле извршени на 27 април и околу ‘Монструм’, и тие ќе се амнестираат. Во законот нема да стои 27 април, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ побара од мене такво нешто. Ако има такво дело што се амнестира, а е поврзано со овој случај, тогаш тие што учествувале ќе се амнестираат“, појасни Лога, инсистирајќи дека амнестијата ќе се однесува на полесни кривични тела. 

Тој тврдеше дека листа на тие што ќе се офајдат од амнестијата ќе се прави дури откако законот ќе се изгласа во Собранието, бидејќи во моментов има 6.000 изречени кривични пресуди, при што половината од осудените се во затвор, а другите се во апсурдна ситуација што нема во друга држава – да фаќаат врски за да си ја одлежат казната, бидејќи во затворите место нема за сите што имаат правосилна пресуда. 

Според последната пресметка, во затворите има 2.114 лица од кои со амнестијата целосно ќе се ослободат 286, а делумно ќе им се намали затворската казна на 996 затвореници, а бројот дополнително ќе се зголеми кога ќе се направи проценка и за тие што чекаат извршување на казната и се надвор од затвор, а кои бројат 2.813.

Законот треба да се најде на расправа во Собранието идната седмица, бидејќи Лога сака лично да го брани, и ќе биде по скратена постапка, при што лично нема намера да го турка со европско знаменце ако не е сигурен дека ќе биде изгласан. Тој нема намера ни да разговара повторно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи неговата оценка беше дека оваа партија не може самата себе да се блокира, бидејќи таа го предложи првиот закон за амнестија. 

„Не сакам да купуваат време со глупости. Или ќе гласаат, или нема да гласаат, нека им служи на чест. Ќе ги частам со албум фотографии од затворите“, порача Лога пред новинарите на прес-конференција, која беше исклучително посетена, неколкупати нагласувајќи дека е недозволиво луѓе осудени за полесни кривични дела да лежат со осудени за учество во ИСИС или убиства, и да излегуваат од „Идризово“ како криминалци.

По инсистирањата да потврди дали делото „помагање на сторител по извршено кривично дело“ (за „Монструм“) е меѓу тие што потпаѓаат под амнестија Лога одговори дека тоа дело ниту е вметнато ниту е тргнато во однос на законот од 2018 година, односно ако било амнестирано тогаш, го опфаќа и оваа амнестија. Тој исто така нагласи дека веќе амнестираните затвореници нема да се амнестираат по вторпат.

„Видовите и сами дека државата не е на ниво, на тоа што го бара законот и на тие стандарди кои се дел од нашиот систем. Очекувам поддршка и освен албум со слики од мојата посета, ќе купам и огледало, за секој пратеник да се гледа пред да гласа за овој закон. Јас носам одговорност за условите за овие шест месеци, сите други треба да сносат одговорност од 1945, а особено од 1991 година“, нагласи Лога. 

Лога, притоа информираше дека веќе се обезбедени средства и дозвола за градба на нов објект во КПД „Идризово“ и најави тендер до крајот на ноември годинава.

„Се очекува после сите постапки, во рок од четири години тој да биде пуштен во употреба. До тогаш, јас и целта на овој закон е, да имаме амнестија за да може во овој сив период од четири години државатата да делува како што се очекува од една сериозна држава“, појасни Лога.

На забелешката дека граѓаните нема да се чувтсвуваат безбедни со толку амнестирани затвореници, тој одговори:

„Ако очекувате дека од затвор ќе излегуваат академици, се лажете! Само во ВМРО-ДПМНЕ може да се случи затворник да влегува како криминалец и да излезе како академик и да се пречека во палатата како да е некој јунак во државата“, изјави Лога.