Лога: Алијанса за Албанците тешко дека ќе опстане


 

Министерот за правда, Кренар Лога, во интервју за Еуроњуз Албанија рече дека Алијансата за Албанците тешко може да опстане, но дека сепак постои можност ситуацијата да се реши во сабота.

Според Лога, претседателот на партијата прекршил делови од одлуката кои биле едногласно изгласани во партијата. Тој рече дека предлогот на Таравари изнесен на Фејсбук без консултација со партијата, која едногласно избрала сама да оди на избори, е антистатутарен и носи поделби.

„За жал, се намалуваат шансите за него да ја преживее разделбата, но постои и можност во сабота сите работи да се средат. Претседавачот мора да даде детали за состаноците и предлозите што ги дал, за статутарните прекршувања што ги направил во последните недели, вклучително и неповикувањето на извршниот совет на партијата… или дури за политичките понуди што ги даде преку Фејсбук, а не пред партиските тела.

Она што се случи беше она на што предупреди Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој на 16 јануари точно предвиде што ќе се случува во Алијансата за Албанците. Денеска сме во момент кога претседателот на партијата го прекрши делот од одлуката што тој и сите останати го изгласавме – Алијансата за Албанците да оди сама на избори. Не станува збор дека Алијансата треба да се усогласи со европските и западните сили, туку дали  треба да оди со таборот на власт или со опозицискиот табор.

Овие сомнежи оставија сенка во структурите на партијата и единствениот начин партијата да го одржи единството беше да оди сама на избори. Лидерството ја донесе оваа одлука едногласно, вклучително и Таравари. Изненадувачки, без мандат ниту на централното претседателство, ниту на централното собрание, господинот Таравари ја даде својата опција преку Фејсбук, ова е кршење на статутот и одлуката на претседателството“, рече министерот за правда.

Во истовреме од Алијансата за Албанците соопштија дека пратеници на оваа партија добиле покана да се појават на средба на Централното собрание на партијата во Куманово, иако тоа е веќе закажано за во сабота,  со порака дека никој не треба да стане плен на дезинформациите дека се одржува некаков партиски состанок покрај најавениот. Пораката, според Алијансата.  отвора сомнеж дека првиот човек на партијата Арбен Таравари најверојатно ќе го свика Централното собрание пред состанокот што неговиот претседател Зијадин Села го закажа за в сабота. 

Реакцијата уследи по најавите од Таравари дека од утре ќе се организираат собири за благодарност, прво во Куманово, во сабота во Гостивар а на 13 февруари во Тетово, најавувајќи ги како настани за големи одлуки.

„Се среќаваме за да се заблагодариме дека ПРОМЕНАТА ПОЧНА!“, напиша Таравари. 

Тоа веројатно значи дека Таравари нема намера да се појави на закажаното собрание во Скопје и да даде отчет за тоа што договарал во Приштина и дека има намера да ја игнорира ситуацијата, т.е. да се однесува како легитимен преставник на партијата и да носи одлуки за неа, вклучувајќи ги и тие за министрите. Односно, дека смета на сигурна победа во фракциската борба со Зијадин Села. Инаку, предвидувањата на аналитичарите беа дека на овие избори Алијансата за Албанците нема да освои повеќе од два пратеника, а сега по овие превирања е на добар пат да стане само приврзок партија.