Лоазо: Балканот воопшто не е подготвен за влез во ЕУ


Поранешната француска министерка за европски прашања, сега член на Европскиот парламент, Натали Лоазо, проценува дека Балканот не е воопшто подготвен за влез во Европската Унија, исто како што ЕУ воопшто не е подготвена да ги прифати овие земји, пренесе француското радио Франс ентер.

„Неопходно е Европа да направи повеќе спрема земјите од Балканот… Ова не значи дека балканските земји може утре да влезат во ЕУ. Овие земји не се подготвени, а ние не сме воопшто подготвени да ги пречекаме“, изјави француската европратеничка.

Натали Лоазо изјави дека не се залага за непосредна интеграција, туку за „многу блиско партнерство на економски план, во смисла на инфраструктурата, но исто така и на политичко ниво, со цел да се избегнат сите тензии“.

Според неа, од дипломатски аспект, постојат работи кои ЕУ не ги направила доволно, особено на Балканот, кој географски, историски и културно е во срцето на Европа.

Поранешната министерка ова го изјави додека во Белград престојуваше францускиот претседател Емануел Макрон.