Љутков: Оваа година за 40 проценти зголемена продукција во драмската дејност, поддршка и на повеќе јубилеи на национални установи
Од март ќе почне со програма и со свој простор да функционира Културно-информативниот центар во Белград
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков на денешната прес-конференција во однос на годишната програма за драмската дејност, рече дека очекува да се реализираат 57 премиери во организација на националните театри. Ова како што посочи, претставува за 40 проценти зголемена продукција и двојно поголема финансиска поткрепа во однос на изминатите години.
Воедно, Љутков информираше дека поддршка добија и над 40 професионални и аматерски претстави во организација на театарски продукции. Соодветна поддршка добија и 20 театарски фестивали и манифестации.
– Исто така, оваа година ќе ги поддржиме јубилеите на националните установи, и тоа Македонскиот народен театар од Скопје, кој годинава ќе прослави 80 години од основањето, додека Албанскиот и Турскиот театар од Скопје и Прилепскиот театар ќе одбележат 75 години од основањето.
Во однос на програмските содржини, Љутков рече дека се застапени многу режисери од сите генерации, кои ќе реализираат премиери по текстови од врвни дела од светската драматургија, како и дела на значајни автори од домашното творештво.
Во однос на литературата и издавачката дејност, Љутков рече дека од прегледани над 1000 пријави, поддржани се речиси половина.
-Во најобемната област по број на пријави, литературата и издавачката дејност, комисијата имаше исклучително тешка и комплексна работа. Од прегледани над 1000 пријави, поддржани се речиси половина. Во листата на предложени проекти се застапени понови жанрови, како: слем-поезија, стрип-литература, графички романи, инклузивни книги за деца со попреченост, хибридни изданија со Брајово писмо и др. Поддржани се оригинални дела од врвни македонски писатели и академици, монографии и академски стручни публикации, превод на литература од странски јазици, електронски публикации, е-книги и дигитални изданија, детска литература и публикации на истакнати автори и дела на дебитанти, додаде Љутков.
Со оглед на тоа што 2025 година е година во која државата одбележува „80 години од кодификацијата на современиот македонски јазик“, министерот информираше дека за таа цел, формиран е одбор кој ќе подготви соодветна годишна програма.
Во тој контекст, како што рече, во годишната програма од издавачка дејност се поддржани проекти – научни трудови и академски книги од областа на македонистиката.
-Што се однесува на меѓународната дејност, во програмата за 2025 година поддршка добија проектите што ќе се реализираат во земјите кои се во фокусот на надворешната политика на Република Македонија (земјите претседавачи со ЕУ во 2025 година – Република Полска и Данска, европските престолнини на културата, земјите со кои Македонија има потпишано програми, меморандуми, протоколи, договори за соработка и спогодби за соработка во областа на културата), рече Љутков.
Напомена дека годинава ќе работат на проекти кои се во функција на промоција и афирмација на културното наследство и современото уметничко творештво на напата држава во странство, учество на реномирани меѓународни манифестации и фестивали, усовршување и размена на стручни лица од областа на културата и уметноста, партиципација и активен придонес во работата на меѓународните мрежи, проекти кои се во функција на поврзување со дијаспората, односно унапредување на соработката со земјите каде што има најголем број иселеници од Македонија, проекти кои ги промовираат активностите на маргинализираните лица, на лицата со попреченост и на лицата во социјален ризик во странство.
Исто така, како што рече, поддржани се многубројни проекти со чиј квалитет ќе се придонесе кон зголемување на видливоста на програмите на културно-информативните центри во странство.
Љутков најави дека од месец март ќе почне со програма и со свој простор да функционира Културно-информативниот центар во Белград, во Република Србија.
Вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за 2025 година, распределен за финансирање проекти од национален интерес во културата, изнесува 814 милиони денари.
Во однос на Годишните конкурси, преку системот за електронско аплицирање пристигнале вкупно 2 888 пријави, а поддршка добиле 1365 проекти.
Објавени резултатите од Годишниот конкурс за проекти во културата за 2025 година