Љупчо Петрески и анонимен автор добитници на наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман

Љупчо Петрески со ракописот „Лазарка“ и анонимен автор со „Мртвите знаат најдобро“ се победници на конкурсот за најдобар необјавен роман на годината „ПЕГАЗ“, кој веќе втора година по ред го организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и фондацијата „Славко Јаневски“.

На повикот кој беше отворен во јуни годинава пристигна 61 ракопис, а делата ги оценуваше тричлена комисија составена од: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска (Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“), писателот Давор Стојановски (добитник на награда „Роман на годината“ за 2016 година) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“). Жирито одлучи да се доделат две први места, а во најтесниот избор за наградата „ПЕГАЗ“ за 2020 година беа разгледани и ракописите: „Албино трип“ од Александар Русјаков и „Деса“ од Ивана Трајаноска.

За „Мртвите знаат најдобро“, комисијата истакна дека е пишуван во стилот на светски популарниот современ јапонски автор Харуки Мураками. Во романот се следи приказната за татко и син кои се занимаваат со бизнис на платени убиства без никаква мотивација освен финансиската придобивка, како и понатамошното изнаоѓање решенија за прикривање на труповите. Во делото се преплетуваат судбините на повеќе ликови, во свет каде што живите го делат просторот со мртвите, а сонот и јавето се еднакво реални и важни. Иако насилството и мрачните теми се како гротескен рефрен во романот, дури и нивното повторување преминува во еден специфичен црн хумор.

Ракописот „Лазарка“ од авторот Љупчо Петрески е директна референција на истоимената, парадигматична песна од славната поетеса Силвија Плат, во кој авторот – со пристап на изверзиран почитувач на книжевноста, во рембоовска смисла на зборот – ја реконструира библиската приказна за Лазарката и личната приказна на Силвија Плат во поривот да се излезе од сенката на својот идол, маж, љубовник додека истовремено нејзиното постоење е детерминирано од најчистата потреба за рамноправна љубов, се посочув во соопштението од „Арс ламина“.

Наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. На минатогодишното, прво издание на „ПЕГАЗ“, за победник беше избран романот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук, кој беше објавен и промовиран на посебна свеченост.