Љупчо Палевски ослободен во Хрватска


 Љупчо Палевски, кој во септември беше приведен на белградскиот аеродром на пат кон Москва по потерница од Хрватска, а потоа екстрадиран во Хрватска, е ослободен.Ова тој го објави на својот Фејсбук профил заедно со фотографија.

Во септември неговиот адвокат Васко Стојков за „360 степени“ изјави дека Палевски бил приведен на аеродромот во Белград каде се подготвувал да отпатува за Москва за да склучи бизнис зделка.Стојков тогаш рече дека Палевски своевремено живеел и работел во Хрватска и оти хрватските власти го бараат за долг на негова фирма од 2,5 илјади евра. Според адвокатот, Палевски, никогаш не примил покана на адресата во Македонија за да се појави пред хрватските правосудни органи.

Против бизнисменот Љупчо Палевски и уште три други лица во мај лани е поднесена кривична пријава за неовластено прислушување и тонско снимање. Кривичната пријава следи откако на 4 април за време на изборната кампања, тие во Прилеп организираа собир на кој на разглас пуштија неколку нелегално прислушувани разговори. Во разговорите се појавија гласови на актуелни и пранешни функционери.

Палевски е генерален секретар во партијата „Глас“ на Солза Грчева. Тој е поранешен прв човек на општинската организација на СДСМ во Скопје, но потоа стана жесток критичар на владејачката партија. Тој беше и предмет на истрага на СЈО, беше приведен и му беше направен претрес во неговиот дом и компјутерите кои ги поседувал, но немаше покренато обвинение ниту информација што и дали нешто СЈО најде кај него.Сомнежот наводно бил дека поседувал дел од „бомбите“.