Љупчо Палевски брутално претепан


Активистот и претседател на движењето „Трета“, Љупчо Палевски вечерва е брутално претепан. Од МВР потврдуваат дека се случил инцидент.

– Околу 17,15 час пријавено е дека на улица Златко Шнајдер од страна на две лица кои биле со моторцикл со употреба на метален предмет бил нападнат Љупчо Палевски. Се работи на расчистување на случајот.

И од неговата партија го потврдија инцидентот.

– Палчо е претепан од двајца на мотор пред куќа. Облечени во црно, со црни кациги. Маван е со шипка и боксирачи по глава.

Палевски е хоспитализиран во приватната болница „Систина“ со нанесени тешки телесни повреди.

Според информации на ТВ 24 Љупчо Палевски по хопитализацијата и санирањето на повредите во пределот на главата е во стабилна состојба.

@Да не се залажуваме, власта многу добро ги знае сторителите и нарачателите на крвавиот напад  врз Љупчо Палевски#, напиша на фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Наместо Европска Македонија, добиваме држава во која мафијата со неистомислениците се пресметува со тупаници и шипки. Ако владата не го расветли инцидентот во најбрз можен рок, тогаш народот треба да знае како да се самозаштити во иднина“, порача Мицкоски.

Лидерот на Демократската партија на Србите Иван Стоиљковиќ, кој е пратеник од редовите на опозициската коалиција, обвини дека нападот врз Љупчо Палевски е обид за убиство.

„Ја познавам неговата здравствена состојба и слободно можам да кажам дека нападот врз Палчо не е обично насилство, туку брутален обид за убиство!“, напиша Стоиљковиќ на фејсбук.

Глас за Македонија бара итно расчистување на бруталниот напад, на среде улица, во среде бел ден, врз активистот Љупчо Палевски.

„МВР да не излегува со анемични изјави од типот: “се работи на расчистување на случајот“, туку итно да преземе ефикасна и масовна акција за пронаоѓање на напаѓачите.Ова е тест за старо-новата власт: дали правдата ќе биде спроведена и кон нејзините критичари, или правдата и натаму ќе се дели по партиска основа.
Ако случајот со Љупчо Палевски не биде бргу расчистен и напаѓачите не бидат казнети соодветно, ќе добиеме потврда дека живееме во држава со голем ризик, владеена од мафијашки структури“, велат од пваа партија.