Љубовното мелодрамско е брашното, трилерот е квасецот: Еве зошто Венко Андоновски е највлијателен писател во 2024
И натаму се држиме до тоа дека телото на писателот се состои од 80 проценти вода, а душата од 80 проценти суета, рече, синоќа, на средбата со читателите, писателот, професорот и книжевен теоретичар
„Оваа книга е моја лична теорија за романот, расказот и драмата, книга во која не само што пишувам за своите дела туку и откривам некои свои „мали тајни“ на пишувањето. Во неа тврдам дека љубовното мелодрамско е брашното, трилерот е квасецот, апсурдот е месото, а гледните точки и „блендата“ на раскажувањето се зачините во тој „рецепт“ за „мојот специјалитет“ – романот. Говорам и за невидливите огледала поставени на тајни места, во кои се огледува текстот, пропаѓајќи вртоглаво во самиот себе. Говорам и за „температурата“ на текстот и како јас ја одржувам, како ја качувам или ја спуштам, а ја изнесувам и тезата дека температурата на текстот влијае врз температурата на душата кај читателот. Оваа книга е мој личен „прозен готвач“ и се надевам дека ќе им помогне и на други писатели кои се бараат себеси – да се пронајдат, зашто секој си смислува свој личен рецепт и има свој личен стил до кој самиот доаѓа. А ќе им помогне и на читателите – ќе им покаже како да читаат лепословија“, вели Андоновски, по повод новата книга „Опијатите на лепословието“, веќе пуштена во продажба.
Еден од најхаризматичните автори кај нас , професор и книжевен теоретичар, на синоќешната средба меѓу писателите и читателите во Скопје, се здоби со Признание за највлијателен писател и просветител во 2024 година на издавачот „ТРИ“.
„’ТРИ’ продолжува да го разбива и стереотипот дека кај нас ‘не се чита’ или дека не се читаат домашни автори. Румена Бужаровска, со својот прв роман ‘Тони’, покажа дека за еден месец можат да се објават (и прочитаат!) две изданија. Во моментов тоа е читателски феномен број еден во нашата култура. Затоа ТРИ и ја прогласи за свој најчитан автор за 2024 година. Бидејќи писателите се познати како луѓе кои страдаат од суета, и бидејќи ретко си честитаат, јас јавно ѝ честитам на Румена, убеден дека допрва доаѓаат нејзините најубави творечки години. Ѝ честитам и што по вторпат ги отвори вратите на еден исклучително важен издавач, ‘Галимар’, и повторно објави книга раскази на француски“, посочи Андоновски.
Тој дополни дека ваквите преводи и изданија се голема работа за македонската книжевност, забележувајќи дека навистина се срами што никој јавно не ги одбележува, ниту од еснафот ниту од политиката.
„И натаму мислиме дека премолчувањето е најдобро оружје за одбрана на личната суета од туѓиот успех, што е тажно. И натаму се држиме до тоа дека телото на писателот се состои од 80 проценти вода, а душата од 80 проценти суета. ТРИ покажува дека не смееме да бидеме култура на премолчување, зашто тогаш ќе бидеме и премолчена култура. Ако самите не се цениме, кој ќе нè цени?“, истакна синоќа Андоновски.
Освен низ овој ракопис, Андоновски своите пишувачки вештини со читателите ги сподели и практично, преку неговото менторство на шесте ТРИбини, серија работилници за креативно пишување, комуникација и маркетинг што се одржуваа во 2024 година.
„’ТРИ’ има со што да се гордее. Синоќешната средба со учесниците на веќе завршениот мастерклас по креативно пишување, на која добија и сертификати, беше навистина важен културен настан. Тој курс мене ми покажа дека не треба да се грижиме за иднината на македонската книжевност: на него свои раскази пишуваа и најмлади и оние од средната генерација и веќе се наѕираат идни талентирани писатели. Тоа е едно мало книжевно семејство од кое, убеден сум, повеќемина ќе си го најдат патот по кој уметникот зачекорува сам, кога ќе почне да пишува како Јас, а не како некој друг“, вели Андоновски.
Издавачот, според Андоновски, ги собира најпроминентните македонски писатели и писателки во овој момент.
„Води и грижа за нив и за нивните специфики, зашто ТРИ како издавач е свесен дека издавачот (и неговите писатели) не треба да бидат трговско-угостителска дејност која ѝ го дава на публиката она што таа каприциозно го бара и го сака во моментот (мода). ТРИ, преку своите писатели, секој со различен книжевен персоналитет, создава своја публика, ја стратификува, така што различни автори си негуваат свој слој од читателската публика“, изјави Андоновски.