„Љубовна куќичка“ и „The ONE“ наградени со златни медали на Саемот за туризам и угостителство во Нови Сад


Фото од страницата на Фејсбук

Македонските компании „Љубовна куќичка“ и „The ONE“ апартмани добија златни медали за спој на традицијата и разновидност во здравата исхрана, како и за врвен квалитет и сместување, во рамките на Меѓународниот саем за туризам и угостителство што се одржува во Нови Сад од 28 до 30 ноември.

Земја домаќин е Србија, а земја поддржувач е Унгарија.  На отворањето на Саемот беа доделени златни медали за најдобрите туристички и угостителски компании од регионот.

Фото од официјалната страница на Фејсбук

Како што соопштија организаторите, директорот на Саемот Никола Ловриќ на отворањето истакнал дека веќе се почнати преговори со министерот за култура и туризам на Република Северна Македонија, следната година и нашата земја да биде земја поддржувач на саемот. Со ова, нашата држава ќе биде дел од понудата на туристички и културни атракции за големите тур оператори кои изложуваат на Саемот.

Целта е взаемна соработка за зголемување на бројот на туристи кои годишно ја посетуваат нашата држава, но и унапредување на услугите и размена на искуства.