„Љубов!“ – Симон Трпчески ќе свири на свечениот концерт по повод јубилејот на Филхармонија
Со концертот насловен „80 години – Љубов“, в четврток, во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го прослави својот јубилеј – осумдесет години од формирањето. На програмата е светска премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр.1 – „Титан“ од Густав Малер. Како солист ќе настапи нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески, а концертот ќе го води шеф-диригентот на Македонска филхармонија- маестро Јерухам Шаровски од Израел.
Македонскиот пијанист со светско реноме, Симон Трпчески, добива позитивни критики за својата моќна виртуозност и длабоко изразен пристап, како и за неговото харизматично присуство на сцената. Пред дваесет години започна на меѓународната сцена како уметник од новата генерација на „Би-би-си“, и во својата неверојатно брзорастечка кариера, без ограничувања во музиката, има соработувано со над стотина оркестри на четири континенти…Во сезоната 2024-25, пак, ќе ја отвори концертната сезона на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф, а ќе има нови бројни настапи со симфонискиот оркестар на Монтреал и Оркестра Симфоника де Сао Паоло, Симфонијата на Балтимор, со Џанандреа Носеда и Циришката филхармонија…. Бројна е и неговата рецитална програма во големи сали во градови како Њујорк, Сан Франциско, Вашингтон, Лондон, Париз, Амстердам, Милано, Минхен, Прага, Хамбург, Билбао, Истанбул, Даблин и Токио. Од своето деби во Вигмор Хол во 2001 година, тој редовно настапува во оваа престижна сала, а неговиот природен афинитет кон руските композитори од 19 и 20 век е претставен во седум албуми со рецитали.
Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрирал во Израел, каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од страна на славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“. Тогаш ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел.
За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф диригент на Македонската филхармонија.
Настап на хорот „Мирче Ацев“ и изложба во фоајето на Филхармонија
Свечената церемонија по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј ќе започне во 19.30 часот, во фоајето на Филхармонија со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“ кој ќе изведе три композиции од основоположниците на оркестарот на Македонска филхармонија – Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Публиката ќе има можност да ги чуе „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр.2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот ќе диригира Јасмина Ѓорѓеска – Каро. Во фоајето ќе биде поставена и изложба на фотографии кои го следат историскиот континуитет на Македонската филхармонија и нејзините најзначајни моменти.
МРТ ќе врши директен пренос од свечениот концерт
Свечениот концерт на Македонската филхармонија преку директен пренос ќе го пренесува МРТ со цел јубилејното чествување да го проследи поголем број на публика, ширум нашата држава.
Преносот ќе биде збогатен со дополнителни прилози и содржини, а за време на паузата од отвореното студио на МРТ во фоајето на Филхармонија, гледачите ќе имаат можност да проследат кратки разговори и интервјуа со знајачни дејци од музичиот живот во земјата.