„Љубојна“ со концерт во Тирана- публиката два часа во транс


„Љубојна“ настапи на фестивалот „Cloud rea“ во Тирана. Концертот беше во коорганизација со фестивалот и македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, поддржан од Општина Тирана.

Македонскиот етно состав кој лани одбележа 20 години од своето постоење на музичката сцена и  чиј автентичен бленд на џез, етно, поп и призвуци од мирис на каранфил е добро познат  и вон границите на Македонија одржа еден од најубавите концерти  во нивната богата кариера. „Пред многубројна публика во центарот на Тирана се случи вистинско чудо, луѓето, слушајќи ја нивната музика, цели два часа играа во транс. Се редеа разновидни македонски и балкански мелодии, публиката и после два часа не сакаше да го напушти местото каде што се одржуваше концертот“, информират од македонскиот КИЦ. По концертот, групата „Љубојна“, имаше средба и ,,jam sesion,, со музичарите од „Tirana Tirona, all stars“, позната група од Тирана.

Лани, групата го објави албумот „Стела“,  13-ти албум и втор винил на групата, а наедно е и прва издадена плоча со филмска музика на домашната сцена досега. Музиката е напишана за истоимениот филм на режисерот Стојан Вуисиќ, со Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Петар Маниќ и Христина Поповиќ во главните улоги. Култната група во 2019 година за „Кроација рекордс“ објави колекција составена од најголемите хитови.