Љубе Трпески за забраната за делење дивиденди: Раководствата на банките се меѓу „чеканот и наковалната“


Најтешко им е на раководствата на банките - oд една страна се мерките од Народна банка, а од друга е притисокот од акционерите

Според мене, не е патот да се оди на Уставен суд. На тој начин, само се губи довербата од депозитарите, а за успешно работење на банките, најважна е нивната доверба, затоа треба да се најде заеднички јазик, вели поранешниот гувернер на НБМ, Љубе Трпески. Тој нагласува дека мерката на НБ ги штити оние кои имаат депозити во банките

 

Мирче Јовановски

Банките во нашата земја неволно ја примија одлуката на Советот на Народната банка со која се одложува исплатата и распределбата на дивидендите за нивните акционери. Иако мерката се однесува за оваа година, со можност таа да се преиспита во септември, сепак банкарите, а особено нивните акционери, доживеаја студен туш од регулаторот.

И покрај ковид кризата, банките лани остварија солидни финансиски резултати, па акционерите очекуваа дека ќе добијат дел од профитот во вид на дивиденда. Тоа е особено важно за домашните компании – акционери во банките, кои планирале ваквите средства да ги употребат за нови инвестиции, за набавка на опрема, или за други потреби поврзани со нивните дејности. Таквите средства, како што велат, повторно ќе влезеа во домашната економија, додека забраната за исплата на дивидендите пак, негативно ќе влијае врз нивното работење и врз стопанството во целина. Од друга страна, пак, Народната банка одлуката ја образложи со неизвесноста од корона кризата, поради што се делува превентивно, иако банкарскиот сектор е стабилен, како и од потребата „за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза“.

За ефектите од ваквата мерка на НБ, разговаравме со д-р Љубе Трпески, поранешен гувернер на Народната банка на Македонија, кој беше на високи функции во неколку состави на Владата, како и универзитетски професор во пензија кому фокусот му се банкарскиот и монетарниот систем.

Господине Трпески, како гледате на одлуката на Советот на Народната банка кој времено им забрани на банките да исплаќаат дивиденда на акционерите, дали беше неопходна во услови кога банките и покрај кризата остварија добри профити?

Во услови на ваква криза каква што е во цел свет, во услови на пандемија која што и покрај сите најави дека ќе стивнува, повторно се зголемува бројот на заразени, пред се во Европа, постои голема неизвесност и за економијата и за целокупниот живот во секоја земја, па и во Македонија. Одлуката на Народната банка за одложување на делење дивиденди треба да се сфати во таква светлина, да видиме како ќе се развива ситуацијата. И, не дај боже, ако многу се влоши, тие пари да послужат за зајакнување на капиталната база на банките за да можат да го издржат таквиот удар. Од друга страна, ги сфаќам и управните одбори на банките, тие се под притисок на акционерите да им се подели она што им следува според резултатите од работењето на банките. Но, мислам дека банките не би требало јавно преку медиуми да полемизираат со Народната банка. Затоа што банките живеат и работат од довербата што ја имаат од населението и од депозитарите. Ако се наруши таа доверба тоа е лошо за сите. Би требало да седнат, да најдат решение. Ако се подобри ситуацијата, како што читав, Народната банка во септември ќе ја преиспита одлуката. Дај боже да се подобри, па да им се дозволи да ги делат дивидендите.

Дали поради коинциденција или нешто друго, некои од банките практично истовремено или непосредно пред одлуката на НБ објавија на Берзата дека свикале акционерски собранија каде што една од точките е поделба на дивиденда. Што во ваква ситуација, дали има некои правни последици?

Не сум правник, така што не би коментирал. Сепак, додека не е одржано собранието, можно е да се менуваат предлог-одлуките и дневниот ред. Но, ако акционерското собрание е веќе одржано тогаш е сосема подруга ситуацијата. Според мене, не е патот да се оди на Уставен суд и слично. На тој начин, само се губи довербата од депозитарите, а за успешно работење на банките, најважна е нивната доверба, затоа треба да се најде заеднички јазик.

Што покажува оваа одлука на Народната банка, има ли простор за загриженост кризата да удри врз компаниите, па потоа да се прелее врз банките преку нефункционални кредити?

Под претпоставка дека ситуацијата ќе се влошува, дека повторно ќе почнат затворања, или како што ги нарекуваат локдауни, да не може да се излезе од дома, вработените да не можат да одат на работа, особено оние кои имаат бројна работна сила, ако предвидиме такво сценарио, тогаш значи дека ќе растат и проблематичните кредити, односно фирмите нема да можат да ги враќаат кредитите кон банките и во тој случај банките ќе треба да направат докапитализација за да се покријат таквите кредити. И мислам дека ваквата мерка не е новина од Народната банка, туку се применува речиси во цела Европа, во разни варијанти.

Одлуката на Народната банка за одложување на делење дивиденди треба да се сфати во таква светлина, да видиме како ќе се развива ситуацијата. И, не дај боже, ако многу се влоши, тие пари да послужат за зајакнување на капиталната база на банките за да можат да го издржат таквиот удар

Од опозицијата одлуката на НБ за неисплата на дивидендите ја протолкуваа како признавање дека државата е пред банкрот и дека луѓето ќе реагираат со повлекување на нивните средства од банките. Дали навистина е така и има ли причини за таква реакција кај граѓаните?

Јас не сум го слушнал или прочитал тоа, но би рекол дека оваа мерка на Народната банка не може да им наштети на оние кои што имаат депозити во банките. Може само да им ја подобри позицијата, бидејќи ја зголемува капиталната база, односно здравоста на банките. Така да, ако рекле така, дека има опасност за депозитите, не е така. Мерката нема опасност за депозитите, туку има бенефит за оние кои имаат депозити во банките.

Претпоставувам дека од одлуката на НБ најмногу се погодени домашните фирми – акционери во банките кои сигурно сметале на приходите од дивидендите за да можат да инвестираат или да ги реализираат нивните планови. Како тука да се најде баланс, бидејќи тие пари во крајна линија повторно ќе влезат во домашната економија, нема да бидат изнесени надвор? Особено што многу од овие компании беа погодени од кризата, а сега не можат да сметаат на ваквите приходи?

Најтешко им е на раководствата на банките бидејќи тие се, што се вели, меѓу чеканот и наковалната. Од една страна се мерките од Народна банка, а од друга е притисокот од акционерите. Меѓутоа, ситуацијата е таква што, како што деновиве рече и директор на една од банките при доделување донација за здравството, потребна е општествена одговорност. Сега е моментот кога големите фирми треба да имаат општествена одговорност за ситуацијата во која се наоѓаме и да помагаат. Од друга страна, не значи дека ако акционерите – странски финансиски институции или компании не се гласни, дека и тие не се заинтересирани да им се исплати дивиденда. Но, ако тие молчат, домашните субјекти треба уште повеќе да бидат солидарни.