Ливит: Шефицата на кабинетот на Трамп не му забранила на Вучиќ да дојде во Мар-а-Лаго


Белград – Српските медиуми јавија денеска дека портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, ги негирала непотврдените извештаи објавени од некои медиуми дека шефицата на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Сузи Вајлс, наводно му забранила на српскиот претседател Александар Вучиќ да присуствува на настан во Мар-а-Лаго за време на посетата на Вучиќ на САД.

„Шефицата на кабинетот на Трамп не го „блокираше“ Вучиќ да присуствува на кој било настан во Мар-а-Лаго“, изјави Каролин Ливит. Српските медиуми ја пренесуваат таа информација објавена од американскиот портал „Павловиќ Тудеј“.

Ливит нагласила дека станува збор за „лажни вести“.

„Теориите на заговор – многу од нив лансирани од антитрамп агли на балканскиот печат – сугерираат дека Вајлс му забранила на Вучиќ да влезе на имотот на Трамп во Флорида. Вистината, сепак, се чини помалку таинствена, а повеќе кардиоваскуларна“, изјави Ливит за порталот, пренесоа српските медиуми.

Порталот потсетува дека српскиот претседател Александар Вучиќ ненадејно ја завршил посетата на САД и се вратил во Белград поради болка во градите и висок притисок.

Дел од медиуми претходно објавија дека на целата српска делегација наводно и било откажано учество на гала вечера во рамките на Републиканскиот национален комитет, како и дека Вајлс наводно му забранила на претседателот Вучиќ да влезе во комплексот Мар-а-Лаго во Флорида.