Ливерпул во (не)возможна мисија во реванш полуфиналето во ЛШ


Ливерпул вечерва од 21 часот ја пречекува Барселона на култниот „Енфилд Роуд“ во обид да направи подвиг и да ја анулира негативата од 0:3 што Каталонците ја имаат по првиот меч на „Камп Ноу“ во полуфиналето во Лигата на шампиони.

„Црвените“ пред една недела одиграа добар натпревар, создадоа повеќе шанси, но не ги искористија за што беа казнети од Луис Суарез и на двапати од Лионел Меси. Аргентинецот ќе биде главна закана за премиерлигашот и во реваншот меѓутоа Јирген Клоп има и дополнителни проблеми во сопствената соблекувална. Потребни се голови, а не може да смета на својот најдобар поединец, Мохамед Салах кој се повреди против Њукасл, како и Бразилецот Роберто Фирмино.

„Страшно ме мотивира што предвреме нè отпишуваат. Лут сум и гладен да покажеме на дека сме способни да направиме нешто посебно на „Енфилд“. Имаме големи играчи, а големите играчи треба да се покажат на големите натпревари како што е вечерашниот. Кога луѓето ќе ни кажат „готови се, немаат шанси“, ние секогаш покажуваме храброст и ги правиме најголемите пресврти“, истакна Хрватот Дејан Ловрен.

Јирген Клоп очекува тежок натпревар што не сака да го спореди со ланскиот на Барселона со Рома во кој „волчицата“ успеа да го поништи поразот од 4:1 на „Камп Ноу“ и со триумф со 3:0 во Рим ги елиминира Каталонците во четврт-финалето.

„Не само што мора да дадеме многу голови, туку мора да ја спречиме и Барселона да даде гол. Но, овој тим има голем потенцијал и во мечот ќе влеземе со 100 отсто. Во потешка ситуација сме од Рома минатата година, бидејќи тие имаа гол на гостински терен. Тоа е голема разлика“, изјави Клоп и потврди дека Салах нема да настапи вечерва.

Чудата на „Енфилд“ не се реткост. Меѓутоа, предноста и искуството на Барселона се толкави што Ливерпул има минимални шанси да се пласира во финалето. Никој не се сомнева дека „Црвените“ ќе сакаат чесно да се простат од Лигата на шампионите, но тешко дека ќе успеат посериозно да го загрозат местото на Барселона во големото финале.

Но сепак, ниту во Барселона не се залетуваат премногу по првиот натпревар, свесни за тоа што им се случи минатата сезона кога ја потценија Рома. Ернесто Валверде викендот го одмори целиот прв тим против Селта со оглед на осигураната титула во Примера. Шпанските медиуми најавуваат дека тој ќе ја промени формацијата и тактиката на својот тим. „Мундо Депортиво“, кој е близок до каталонскиот гигат, најавува формација 4-4-2 со засилен среден ред, бидејќи со традиционалната 4-3-3 би биле премногу офанзивни и би оставиле многу простор за Ливерпул да создава шанси. Затоа „жртва“ на новиот систем ќе биде Филипе Кутињо кој ќе остане на клупата, а во средниот ред се очекува шанса да добие Сержи Роберто додека на десната бековска позиција ќе биде поставен Нелсон Семедо.

Во секој случај, Јирген Клоп и Ернесто Валверде ги одредија стартните состави за вечерашната пресметка во која ќе се очекуваат голови, многу веројатно на двете страни. Клоп е принуден да го „крпи“ својот состав, додека Валверде може да смета на истиот тим кој настапи и на првиот натпревар.

Ливерпул (4-3-3): Алисон – Александер Арнолд, Матип, Ван Дајк, Робертсон – Хендерсон, Фабињо, Милнер – Ориги, Мане, Шаќири.

Барселона (4-3-3): Тер Штеген – Сержи Роберто, Пике, Ленгле, Алба – Видал, Бускетс, Ракитиќ – Меси, Кутињо, Суарез.