Во Вселенската патријаршија се сослужуваше и на македонски јазик

На заедничката литургија на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан во Фанар присуствуваа и повеќе верници, како и владина делегација предводена од премиерот Ковачевски


Историски чин се одржа денеска во древната Вселенска патријаршија, во која заедно сослужуваа Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј и архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан во соборниот храм „Свети Георгиј Победоносец“ во Фанар, при што сослужувањето се одвиваше и на македонски јазик. Заедничката литургија во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија во Истанбул, доаѓа откако во четвртокот Патријархот на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија (ОА) во богослужбено и канонско единство.
На литургијата во Фанар присуствуваа и повеќе верници, како и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј во беседата рече дека политичкиот живот на црквата е благодет кој од време на време решава прашања кои бараат водство, како и дека Великата цариградска црква е мајка на сите останати нејзини чеда и не употребува привилегии за неа туку се жртвува и се моли за сите без дискриминација и учествува во пријатните, но и непријатните моменти на нејзините собраќа и чеда, а денеска тоа се потврдува. Вартоломеј рече дека понекогаш има моменти на извртување на вистината и дека кога светоканонските термини се толкуваат произволно тогаш произлегуваат штети за црквата и доведува до настани на шизма.
„Затоа има потреба од воспоставување на автокефални цркви кои нема да дозволат отстапување од живата вистина и ќе учествуваат во една заедница, во ефхаристија“, порача патријархот Вартоломеј.

Добро ви е познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ, и тоа не го сокриваме од Вас и пред Вас, и пред членовите на свештената јерархија на Вашата Црква и на верниот народ што ѝ принадлежи – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква, истакна архиепископот г.г. Стефан во обраќањето до вселенскиот патријарх Вартоломеј по денешната нивна заедничка Патријаршиска и синодална литургија во Соборниот храм „Св. Георгиј“ во Истанбул.

„Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме…. , рече меѓу другото г.г Стефан.

Тој му порача на Вартоломеј дека во него е одговорноста на Мајката Црква за добробитот и преуспевањето на православното семејство.

„При Вас се принадлежностите и правата и не молиме повеќе и поинаку од она како што постапивте со доделувањето на автокефалиите низ историјата, па и во современието. Без да поставуваме аналогија со зборовите на Мудриот Соломон, а имајќи го предвид одговорното и служечко првенство и привилегиите и авторитетот на Константинополската катедра, ќе речеме: „Имаш голема сила, и кој може да се дигне против силата на Твојата мишка? …сите ги милуваш… сè запазуваш …ги сакаш душите“, рече архиепископот Стефан.

Тој натаму нагласи дека нашиот завет е дека „упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, пропратена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените“.

 
 
Вселенскиот патријарх Вартоломеј од своја страна изјави дека на крајот на денешното историско сослужување со Вас, во овој наш Сечесен Патријаршиски Храм, „го насочуваме нашето слово, нашиот ум и срце кон сите наши возљубени чеда од Најсветата Охридска Архиепископија во државата Северна Македонија, водачите и водените, овде присутните и оние што се наоѓаат таму“.
 
„Особено се радуваме за личното присуство на Превосходниот Претседател на Владата на Северна Македонија г. Димитар Ковачевски и заедно со него министрите и останатите негови соработници, како и за големиот број на верни чеда од Црквата на оваа благословена земја, кои го наполнија овој славен Храм и му дадоа друга димензија на денешниов празник на Педесетницата – како соборна, така и лична за нас, додаде патријархот Вартоломеј.
 
Тој изрази верба дека овој настан значи потполно разбирање од наша страна за големината на дарот на Мајката Црква кон нашиот народ, но и за одговорноста која се понесува, влегувајќи од денес во Сеправославниот Свет.
 
 
„Огноосветлени од благодатта на Утешителот, Го молиме, Го умолуваме и просиме од животворниот Свет Дух, обновителниот и сесилниот, слаткиот и Кој ги лекува раните, Кој ги надополнува човечките недостатоци, Кој ги испитува нашите срца – да ве утврди во вистината, да ве умножи во верата, да ве умудрува во борбата за Црквата, та и ние, вашиот заеднички отец и застапник, првиот и последниот помеѓу Епископите на Источната Света Христова Црква, да можеме духовно да се радуваме за вас и за вашите дела; та во нив да се прослави сечесното и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух, постојано, сега и секогаш и во вечни векови. Амин, истакна г. Вартоломеј .
 
На литургијата присуствуваше и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав беа и шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, пратеници и околу 700 верници од државава кои самоорганизирано допатуваа во Истанбул да присуствуваат на овој историски чин.
 
 

Премиерот Ковачевски ја проследи Патријаршката и Синодална Света Литургија каде на македонски јазик ги прочита Симболот на верата и молитвата „Оче наш”

Како што се вели во владиното соопштение со оваа заедничка богослужба, како еден од чиновите со кој се потврдува приемот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во литургиско единство со сите православни цркви, се потврдува и одлуката на Вселенскиот Патријарх и на Светиот патријаршиски синод на Вселенската патријаршија од 9 мај за отстранување на шизмата и за воспоставување на канонски статус на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

За време на литургијата на премиерот Ковачевски му беше укажана чест да ги прочита Симболот на верата и молитвата „Оче наш” на македонски јазик, коишто се составен дел богослужбата во православните храмови.

„Одлуката на патријархот Вартоломеј и на Вселенската патријаршија е историски настан со кој конечно се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква“, соопштија од Владата.

Ова е прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по примањето на Охридската архиепископија во богослужбено канонско и ерархиско единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската изолираност наложена врз нашата Црква.

„Ова ја доловува смислата на она што ние во последните 55 години го бараме а тоа е канонското и литургиското единство. Всушност редот на Црквата тоа го претполага и го претпоставува согласно преданискиот и канонскиот континуитет на нештата. Се воспоставува прево литургиското односно канонското единство. Тоа секогаш доаѓа од првопрестолната црква односно Вселенската патријаршија. Денеска ние сме сведоци на тој историски момент кога нашата црква официјално влегува во канонското едиснтво со сите цркви, односно праксисот кој неговата сесветост Патријархот Вартоломеј го предаде на Архиепискот г.г. Стефан во четвртокот денеска всушност влегува во сила и ја добива својата суштина преку заедникото сослужување и причествувањето“, изјави по литургијата отец Бобан Митевски од МПЦ.

Стотици верници од Северна Македонија утрово беа присутни во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ на синодалната литургија. Тие не ја криеа радоста и воодушевувањето од историскиот чин.

„Денеска дојдовме овде да го сведочиме овој историски момент за нашата Охридска архиепископија. Јас сум од Охрид , среќна сум што денес можам да го сведочам за нашиве идни генерации овој историски момент“, изјави верничка која присуствуваше на литургијата во Фанар.

И други присутни не ја криеја радоста од денешниот историски чин. „Денес се исполни празникот на Педестницата и ни засветли голема радост и на нас и нашата Охридска архиепископија од тука, од окото на вселената, од градот на мајката божја, од Вселенската патријаршија“, рече еден од нив.

„Радоста е толку голема колку зборовите на псалмопевецот Давид, каде што кажува дека Господ го создаде овој ден да се радуваме и веселиме во него. Особено кога гледаме како нашата Охридска Арјиепископија одново блеска“, порача една од присутните вернички.

Утре архиепископот г.г. Стефан сам ќе одржи литургија во присуство на вселенскиот патријарх Вартоломеј.