„Литературата е живот. И само како таква има смисла“: Интервју со Владимир Јанковски, прозаист
Инспирацијата за пишување е животот, а тој се наоѓа насекаде и постојано. Нè бомбардира и кога не сакаме и кога се обидуваме да го гледаме со ширум отворени очи, вели Јанковски, во моментов, најнаградуван автор во Македонија
„Скриените желби“ сака да му останат скриени, а „немирните патувања“ најчесто се однесуваат на внатрешните дилеми. Последниот роман на Владимир Јанковски (44), прозаист, критичар и преведувач – „Скриени желби, немирни патувања“ направи бум на македонската културна сцена како најнаградуван роман изминативе години и како македонски кандидат за меѓународни награди. Според литературните критичари- „делото се одликува со инвентивна, мозаично развиена структура, реторичка питкост и свежина, пред сѐ, благодарение на неконвенционалниот пристап и експериментална разиграност со жанровските протоколи на романот“.
Во 2020 беше македонски кандидат за меѓународната награда „Балканика“, „Роман на годината“ за 2021 на фондацијата „Славко Јаневски“, а годинава е македонски кандидат за наградата за литература на Европската унија. Неговиот роман „Невидливи љубови“ во 2016 беше македонски кандидат за меѓународната награда „Балканика“. Како лански добитник на „Роман на годината“, годинава беше во жирито кој го избра романот „Денот на црвот“ од Симона Јованоска за „Роман на годината“ за 2022.
Во интервју за „Независен“, Јанковски, меѓу другото, открива од каде црпи инспирација за своите приказни, како гледа на наградите и каде ја гледа иднината на литературата.
Влеговте прилично доцна на македонската книжевна сцена. Кој беше поттикот да почнете да пишувате?
Констатацијата за доцниот влез на македонската книжевна сцена треба да се земе со мала резерва. Првата книга, „Огледало за загатката; разговори со Влада Урошевиќ“ ја објавив на 26 години. Првата заедничка со фотографот Иван Блажев, во која јас сум автор на текстот, „Скопје со широко отворени очи“, кога имав 31 година. Првиот роман го објавив на 33 години. Пред овие авторски објави имав среќа на 25 години да добијам можност да го преведам романот „Музеј на безусловното предавање“ од Дубравка Угрешиќ. Инаку преведувањето отсекогаш сум го сметал како чин комплементарен на чинот на пишување. Се занимавам со пишување проза, при што вообичаено е прозаистите малку подоцна да ги објавуваат своите први книги од, на пример, поетите. А во процесот на објавување, главно ме интересира објавување интегрална книга. Не сум голем љубител на објавување делови од некоја идна книга, недовршени фрагменти, ракописи во настанување. Затоа може да се добие впечаток дека доцна сум се појавил на книжевната сцена. Што се однесува до поттикот за пишување, кај мене најчесто тоа е комбинација од три нешта: работите што ги носам во себе, желбата да се каже нешто за феномените што ме опкружуваат и љубовта кон книжевноста поттикната од читањето дела на други автори.
Каде наоѓате инспирација за вашите приказни?
Насекаде. Во набљудувањето на луѓето. Во реакциите на луѓето. Во набљудувањето на нивното однесување во различни ситуации – од возење во лифт, преку седење во кафуле, до лежење на плажа итн. Во читањето книги на автори кои на некој начин успеваат да го расцепат моето гледање на светот и да ме „инспирираат“ во тој расцеп на светот да дораскажам нешто свое. Во читањето вести, црни хроники, банални коментари на социјалните мрежи, интервјуа во кои продира по нешто од животот на интервјуираните луѓе. Инспирацијата за пишување е животот, а тој се наоѓа насекаде и постојано. Нè бомбардира и кога не сакаме и кога се обидуваме да го гледаме со ширум отворени очи. Го има и во најмногу средените земји и општества и во земјите и општествата кои се наоѓаат во кризи, конфликти и распаѓање. И понекогаш интензитетот на самиот живот не е толку важен. Затоа што литературата секогаш може да го засили тој интензитет. Или обратно, да го намали, забави, па и од тоа да создаде уметност.
Зошто проза, а не поезија?
Затоа што главно ме интересира нарација. Раскажувањето приказни. Создавањето ликови и нивното поставување во различни соодноси. Создавањето цврст свет. Доближувањето до илузијата дека луѓето за кои пишувам читателот ги гледа јасно и прецизно пред себе. Ме интересира миметичноста на текстот, авторството како конструкција во која различни елементи се вклопуваат и создаваат некој посложен систем. Создавањето свет што може да се објасни според логиката на книгата. Голем дел од овие работи, секако, можат да се постигнат и со поезијата. Но, кај неа овие цели се постигнуваат малку подиректно. А мене ми се допаѓа позицијата на сенка, некој што се наоѓа во позадина.
Се наметнавте во културната јавност како добитник на многу значајни награди – од „Роман на годината“, два пати македонски кандидат за „Балканика“ па сѐ до македонски кандидат за наградата на ЕУ. Наградите се причина или последица на вашето пишување?
Во никој случај не можат да бидат причина за пишување. Седнете да напишете книга за да добиете некоја награда и, ве уверувам, никогаш нема да ја добиете таа награда. Поради склоп на различни околности наградите можат да бидат последица на нечие пишување. Но, разумен писател секогаш мора да има малку дистанциран и релативизирачки однос не само кон наградите, туку и кон целиот систем на признанија во уметноста.
Што е сатисфакција за вас, како автор?
Помислата дека мојата книга ја прочитала и ѝ значи нешто на некоја личност која никогаш во животот нема да ја запознам и која никогаш во животот нема да сподели со мене дека мојата книга ѝ значела.
Како изгледа вашиот креативен процес. Долго зрее или…?
Секогаш почнувам од некоја сцена или ситуација. Најчесто тоа е лик кој прави нешто. Тој лик секогаш во поставувам во релација со некој друг лик. Замислувам што тие двајца би направиле еден со друг. Се обидувам да опишам неколку нивни заеднички средби. Се обидувам да замислам како тие двајца се запознале, што тоа запознавање значело за нив. Како продолжил нивниот живот. Потоа на некој од тие ликови налепувам некои мои страсти, стравови, пориви. Па се обидувам да замислам што тие страсти, стравови, пориви значат за светот што мене ме опкружува, за моето сознание на тој свет. Дали тие карактеристики на ликот можат да кажат нешто суштинско за светот што моментално го споделувам со другите луѓе на планетава. На ова обично се надоврзува некоја приказна, на ликот мора да му се случи нешто по кое тој ќе се промени. Во литературата секогаш мора да се случи тоа патување, тоа движење од едно нешто кон друго. Се обидувам замислените светови да зреат во мене. Да живеат во мене и јас да живеам со нив додека правам нешто друго. Верувам дека колку повеќе замислениот свет живее со мојот реален живот, толку измислените светови можат да бидат пореални.
Кој ви е литературен „идол“?
Ги има многу. Влада Урошевиќ – затоа што без разлика дали читам негова поезија, проза или есеи имам чувство дека надворешниот свет може да биде играчка во рацете на мало дете. Хулио Кортасар – затоа што од него научив дека и најфантастичната замисла може да дејствува крајно реална ако се најде соодветен начин за нејзино опишување. Габриел Гарсија Маркез – заради фантазијата што создава светови поубедливи од сликите на хиперреалистите. Рејмонд Карвер – заради откривањето на занесната поезија на егзистенцијата во најобичните случувања. Карл Уве Кнаусгор – затоа што зборувајќи за обичните нешта од секојдневието мошне прецизно ја открива бесконечноста на тоа секојдневие. Милан Кундера – затоа што многу често кога читам или размислувам за некој книжевен текст ми одѕвонува неговата мисла дека книжевноста е луцидно истражување на егзистенцијата. Итало Калвино – заради мајсторството една основна ситуација да добие голем број варијации, кои така нијансирани даваат маѓепсувачка лепеза од значења. Владимир Набоков – заради чувството дека јазикот е Бог и стилот е Бог. Арундати Рој – заради способноста прозата да биде кристална поезија. Давид Албахари – затоа што е писател кај кого пишувањето е доближување до молкот, до тишината. За некое друго интервју нека останат некои други писатели. Ги има многу.
Како е да се сте автор, а како е да сте жири? Што е потешко?
Да се биде член на жири е потешко. Повеќе одговорно. Кога сте автор, борбата е лична и одговорен сте само за она што сте го напишале и за себеси. Кога сте член на некоја комисија вашиот глас (иако е само еден од повеќето гласови) значи одговорност кон другите автори и кон нивните дела. Често значи одговорност и кон поширокиот книжевен контекст, како и кон читателите.
Живееме во време на пандемија, а сега и на војна. Дали влијаат на вашето пишување или „творечки“ се дистанцирате од реалните случувања?
Литературата е живот. И само како таква има смисла. А нашите животи, меѓу другите нешта, секогаш се одредени од просторот и од времето во кое живееме. Не верувам дека писател може да создава литература која ја нема состојката на времето во кое живее. Во тој контекст, реалните случувања секако дека влијаат на моето пишување. И секако дека и пандемијата и војната во Украина ќе се одразат на моите идни текстови. Но, тоа не значи дека тој „одраз“ ќе биде директен или причинско-последичен. Убавото во литературата е во тоа што односот меѓу реалноста и книжевниот текст може да биде и мошне апстрактен, невидлив на прв поглед, но истовремено мошне присутен.
Кои се „вашите скриени желби“, а кои се „немирни патувања“?
„Скриените желби“ нека останат скриени, зашто ако се откријат тогаш ќе немаат легитимитет да бидат скриени. А „немирните патувања“ најчесто се однесуваат на внатрешните дилеми, на патувањата во туѓите текстови, на физичките и менталните патувања кои најчесто можат да се претворат во својот радикален двојник.
Има ли ситуација, приказна или човек кои ве изненадиле во текот на животот?
Секако. И тоа се случува многу често. И добро е што е така.
Каде ја гледате иднината на литературата односно културата?
Мислам дека погоре реков дека литературата е живот. Литературата, заедно со другите форми на уметноста, секогаш биле истражување на животот. Коментар на животот. Обид да се зграпчи, улови. Некогаш да се скамени. Да се идеологизира. Литературата и уметноста ќе имаат иднина сè додека има живот на земјата и сè додека човекот е суштество на кое му треба нешто повеќе од биолошката егзистенција. Така ќе биде и со културата.
Кои се вашите идни планови како автор?
Работам на нова книга, но таа сега е само далечно насетување.