Литар млеко 68 денари, шпагетите 43 денари… Како се почитува одлуката за замрзнување на цените

Од утрово околу 160 инспектори се на терен во проверка дали се почитува владината одлука. Во контрола на маркет беа и премиерот Ковачевски и министерот Бектеши


 

Цените на тестенините, млекото и млечните производи во маркетите утрово осамнаа со нови, пониски цени. Така, литар трајно млеко на најголемиот производител во земјава, со 2,8 проценти масленост од денеска се продава по цена од 68 денари, што е за цели десет денари помалку од досега, јогуртот е намален од 80 на 72 денари за литар, киселото млеко од 400 грама сега е 30 денари… Намалени се и цените мешаното сирење, кое во зависност од производителот сега изнесува 396 до 406 денари за килограм, кравјото од 375 до 42 денари килограм, потоа кашкавалите од кравјо млеко се од 411 до 513 денари за килограм…

Поевтинија и тестенините. Така на пример, макарони од 500 грама на реномиран бренд сега се 62 денари, домашни јуфки од 400 грама чинат 59 денари, макарони од 500 грама 43 денари, иста е цената за шпагетите…

Ова е резултат на одлуката што деновиве ја донесе Владата за замрзнување на цените на дел од основните прехранбени производи, за кои како основа се земаат цените во трговијата на мало на 1 март 2023 година. На листата се тестенини односно макарони и шпагети, за кои се укинаа царинските давачки за увоз на овие производи во период од 13 март оваа година до 31 мај 2023 година, потоа млечните производи и тоа трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 , 3,2 и 3,5 проценти, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кравји кашкавал, со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан, кисело млеко, павлака и јогурт без додатоци.

Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои што се применувале на 1 март 2023 година во трговијата на мало кои цени се намалуваат за десет проценти, а одлуката ќе се применува до 31 мај годинава.

Од утрово околу 160 инспектори се на терен во проверка дали се почитува замрзнување на цените на производите опфатени во владината одлука. Според сознанијата на директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски, претпладнево не биле регистрирани никакви неправилност од страна на трговците, но сепак, вели дека треба да се почека до крајот на денот за да се добие целосна слика.

„Досега е евидентирано намалување на цените и нема нерегуларности“, изјави Трајковски кој денеска заедно со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши посетија маркет во Скопје за лично да се уверат дали цените се намалени.

Трајковски вели дека ДПИ ќе ги објави имињата на субјектите, ако кај некои утврди нерегуларности.

„Државниот пазарен инспекторат постапува со полн капацитет. По увидот на фактичката состојба, во текот на денот ќе можеме да дадеме подетални информации. Досега има намалување на цените и од утрово нема нерегуларности. Би сакал да причекам додека не го добијам деталниот извештај, па до крајот на денот или најдоцна утре да излеземе со детални информации. ДПИ ќе ги објави имињата на субјектите ако утврди нерегуларности зашто одлуките се во интерес на граѓаните. Ова нека биде поттик трговците самосвесно да ги намалат цените“, рече Трајковски, додавајќи дека казните за евентуалните непочитувања на одлуките се од 800 до 10.000 евра, и нагласи дека трговците имаа шест дена да се прилагодат.

Премиерот Ковачевски направи сметка од 328 денари, купувајќи леб, млеко, сирење, макарони и други видови тестенини.

„Денеска можевме да се увериме дека намалувањето на цените се почитува од производителите и од трговците, и за лебот и за тестенините и за млечните производи“, изјави Ковачевски по посетата супер маркетот „Рамстор“ во Капиштец.

Тој е уверен дека намалувањето на цените на производите кои што сега имаат замрзнати цени битно ќе влијае врз џебот на граѓаните.

„Се покажа дека владините одлуки се исправни. Лично сакам да се уверам дека се почитуваат и применуваат одлуките, колку за тоа имаат слух производителите, добавувачите и трговците. Нема да дозволиме личен профит врз грбот на граѓаните. Очекувам компаниите да имаат разбирање за општото добро“, рече Ковачевски, пофалувајќи го Министерството за економија, како и министерствата за финансии, за труд и социјална политика, и Државниот пазарен инспекторат за досегашните активности.

Независен исто така направи обиколка во еден од поголемите синџири маркети. Еве ги цените на дел од производите опфатени во владината одлука кои што ги регистриравме: 

 

Министерот Бектеши не купи ништо, но рече дека се увериле дека владините одлуки се добри и дека кога се сака, има простор кризата да не биде на грбот на граѓаните.

„Инспекторите се постојано на терен, прават контроли за да не се дозволат штети врз потрошувачите. Ако се утврди дека има дополнителен простор за намалување на цените, ќе ги повикаме на состанок бизнисите и ќе се донесат соодветните одлуки. Најважно е дека уште еднаш се потврдува дека ниту една компанија не прави загуби од владините мерки, а најголема придобивка имаат граѓаните“, рече Бектеши, повикувајќи ги стопанските субјекти на општествено одговорно однесување и со намалување на цените и на други производи имајќи го предвид трендот на намалување на цените на влезните суровини и енергентите.

„Општествено одговорни компании треба да бидат поддржани за да се зголеми нивната конкурентност, зошто да не почнат со инвестиции за креирање нови работни места и поголем извоз“, рече Бектеши, додавајќи дека во Министерството за економија на дневна основа се следат цените, посебно на прехранбените производи.

Тој најави дека на почетокот на наредната недела ќе се донесат одлуки и за цените на шеќерот, јајцата и оризот.

„Сѐ уште се прават анализите, најверојатно ќе бидат готови утре, кон крајот на денот. Согласно податоците, на почетокот на наредната недела ќе се донесат соодветни одлуки, ако има простор“, истакна Бектеши.

Како што соопштија за медиумите премиерот Ковачевски и министерот Бектеши, мерките се резултат на непочитување на џентлменскиот договор кој го постигнаа минатата годна Владата и стопанските комори, а според кој значително беше намалена цента на електричната енергија за малите производители.

„Владата го испочитува договорот, но тоа не може да се рече за повеќе компании кои и покрај поддршката која што ја добија не ги намалија цените“, рече премиерот Ковачевски.

(Фото: „Независен“)