Лирман: Отворените прашања со Бугарија да се решаваат независно од пристапниот процес со ЕУ

Сите предуслови за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ се исполнети и тие треба да почнат, рече германската министерка за Европа


 

Германската министерка за Европа, Ана Лирман, денес е првата странска функционерка која има средба со преставници на новоизбраната македонска влада. Таа, откако стапи самата на должноста, како прв странски гостин имаше македонски министер, довчерашниот вицепремиер Никола Димитров, покажувајќи ја посветеноста на Берлин да ѝ се помогне на Македонија во евроинтеграцијата. 

По средбата со министерот Бојан Маричиќ  денес таа оцени дека  сите предуслови за пристапните преговори со ЕУ се исполнети  и во Македонија и во Албанија и тие треба да започнат. Германија, додаде таа, ќе се залага за тоа, оценувајќи дека билатералните прашања „треба да бидат решени  независно од пристапниот процес во ЕУ“.

„Германија е сериозна со ЕУ-перспективата за сите држави од регионот. ЕУ во однос на Северна Македонија стои на својот збор. Сите предуслови за почеток на пристапните преговори се исполнети. Преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ треба да почнат, а Германија и понатаму активно ќе се залага за тоа“, рече Лирман  потенцирајќи дека  нашата земја и Бугарија активно работат на решение на блокадата.

„Северна Македонија консеквентно продолжува да чекори по патот на реформите и владеењето на правото што е исто така сигнал во правец на ЕУ. Би сакала да ве охрабрам да останете на тој пат“, истакна министерката, дополнувајќи дека без борба против корупцијата ниту една земја не може да се развива.

Маричиќ рече дека новата влада е подготвена за отворените прашања со Бугарија да разговара отворено, искрено и принципиелно и дека дијалогот ќе биде директен, интензивен и транспарентен. Тој не сакаше да даде очекување кога би можело да се постигне решение, оценувајќи дека не е корисно ни за граѓаните ни за процесот да се наметнуваат временски рамки бидејќи тоа досега не донесе некој успех, но сепак треба да има динамика.

„За нас е важно во процесот да влеземе суштински, искрено и со добра волја. Кога ќе дојдеме до решение, никој не може да каже, но тоа треба да биде побрзо бидејќи досега изгубивме многу време“, оцени Маричиќ. 

Запрашан дали во Бугарија има македонско малцинство, нешто што деновиве го негираше новиот премиер Кирил Петков, Маричиќ одговори дека пракса досега на нашата Влада била да не се меша во внатрешните работи на која било држава и дека на тоа не обврзува и нашиот Устав.

„Тоа е внатрешно прашање на сите држави од регионот, вклучувајќи ја и Бугарија, а секоја етничка група, здружение или политичка партија можат да ги бараат своите права во Советот за Европа и други меѓународни организации“, рече Маричиќ, додавајќи дека инсистирањето на тоа прашање сега „не е продуктивно“. Тој рече исто така дека Комисијата за историски прашања со Бугарија ќе продолжи да постои и да функционира и по средбата со Петков и дека е обврска од договорот со Бугарија од 2017 година. 

Германската министерка, пак, ја искористи прес-конференцијата за да ги повика нашите граѓани да се вакцинираат против ковид бидејќи епидемијата може да се победи само заеднички. (С.Ј.)