Линеарното зголемување на пензиите нема економска логика, вели даночниот експерт Павле Гацов


Павле Гацов

 

Пензијата не е социјална, туку економска категорија, па барањето за нејзино линеарно зголемување нема економска логика, вели даночниот експерт Павле Гацов. Во разговор за „Локално“ за да ислустрира неоправданоста на ваквото барање на пензионерите, поставува контра прашање за правото на осигурениците од Вториот пензиски столб.

„Дали има логично оправдување осигурениците во приватните пензиски фондови да добиваат иста исплата без оглед колкав придонес уплатувале! Имено, да уплатуваат симболично, но да добиваат солидарно од прибраната маса на пари од сите осигуреници (повеќе од уплатата). За вакво постапување нема економско оправдување. Истото правило важи и за осигурениците во државниот пензиски фонд“, вели Гацов.

Тој тврди дека главен виновник за малите пензии е малата маса на уплатен социјален придонес за времетраењето на работниот стаж на пензионерот, но и востановената практика на плаќање придонеси од страна на работодавачите.

„Во пракса се плаќа придонес за ПИО на минимална плата, се плаќа точно 15 години и се одјавуваат работниците, зашто ги исполниле минималните законски услови… се пријавуваат работниците на скратено работно време за да се плати и половина од минималниот износ на придонесот …Кои се ефектите од ваквото постапување? Додека биле во работен однос трошоците за придонесот за ПИО биле минимални за сметка на нето платата на вработените или компаниската добивка… но кога треба да се користи бенефитот од уплатениот придонес за ПИО тогаш се бара од масата пари на Фондот за ПИО“, објаснува Гацов.

По низата протести на дел од пензионерите, доколку дојде до неоправдано зголемување на пензиите, Гацов не ја исклучува можноста од зголемување на даноците.