Лимбург: ЕУ треба да се погрижи за Западен Балкан, во спротивно тоа ќе го направат Русија и Кина


Ако Европската унија не се погрижи за земјите од Западен Балкан, тоа ќе го направат други сили како што се Русија и Кина, изјави во интервју за Бгнес, Петер Лимбург, генералниот директор на „Дојче веле“.

– Многу е важно земјите од Западен Балкан да имаат европерспектива. Подобро е државите кои сакаат да станат земји членки на ЕУ да знаат дека можат, отколку да изгубат надеж, категоричен е шефот на Дојче веле.

Германскиот Бундестаг изгласа отворање на преговори со Северна Македониај и Албанија за приклучување кон ЕУ, но на министерскиот совет вчера не беше постигнато конечно решение. Причина за одложување на решението е позицијата на Франција и претседателот Емануел Макрон.

Според Лимбург, загрижува растот на популизмот во некои европски земји, што може да биде и пречка за проширувањето на ЕУ.

– Многу луѓе од старите земји членки сметаат дека ЕУ стана премногу голема и нефлексибилна. Гледаме како претходно ЕУ беше клуб на држави со заеднички вредности, а сега имаме Брегзит и сите имаат различно мислење. Верувам дека нема да најдете мнозинство во една земја членка, што е „за“ проширување, посочува Лимбург.

Во однос на позицијата на Париз за идното прошорување, генералниот директор на „Дојче веле посочува дека домашната политика има сериозно влијание врз Макрон.

– Тој едвај го преживеа движењето на „жолтите елеци“. Марин ле Пен му дише во врат. Тоа значи дека Макрон не го прави тоа што треба, туку тоа што ќе го спаси, истакнува Лимбург.

Во однос на решавањето на спорот за името со потпишувањето на Договорот од Преспа, од страна на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, Лимбург посочува дека поранешниот грчки премиер го отворил патот за потпишување на договорот, иако знаел дека со тоа може да ги загуби изборите.

– Сигурен сум дека можам да најдам барем 100 теми, за кои не сум согласен со Ципрас, но за договорот му симнувам капа, вели Петер Лимбург.