Лимани: Со намалување на минималната помош, се охрабруваат луѓето да бараат работа


Фото: Б. Грданоски

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани учествуваше на шеснаесеттиот пленарен состанок на Секторската работна група во областите образование, вработување и социјална политика во Владата на Република Северна Македонија.

Во своето обраќање пред присутните лица од институциите, меѓународниот и граѓанскиот сектор, министерот Лимани се осврна на заложбите и политиките на Министерството за социјална политика, демографија и млади кое е насочено кон креирање на конкретни политики и мерки за демографска ревитализација на државата преку поддршка на семејствата, инвестиции во предучилишно воспитание и подобрување на условите за живот.

„Во 2025 година продолживме со зајакнување на социјалната заштита преку усогласување на социјалните права со трошоците за живот и зголемување на поддршката за 33.266 семејства. Согласно потребите на граѓаните од најранливите категории и лицата кои се соочуваат со поголеми тешкотии при интеграција на пазарот на труд, во 2025 година е предвидена измена на Законот за социјална заштита,“ истакна Лимани.

Тој посочи дека оваа измена предвидува процентуално намалување на износот на загарантираната минимална помош, за период до 12 месеци и претставува охрабрување на членовите на семејството да се активираат на пазарот на трудот.

„Исто така, бележиме понатамошно подобрување на пристапот до социјалните услуги – сега има 140 лиценцирани даватели на социјални услуги за повеќе од 5.000 корисници, претежно стари лица и лица со попреченост,“ рече Лимани.

Тој истакна дека бројот на  склучени административни договори, е зголемен за  околу 20%, а со  тоа во 2025 година достигна 83 договори со лиценцирани даватели на социјални услуги.

Лимани информираше и за новиот интегриран информациски систем за социјална заштита, кој веќе се пилотира во неколку Центри и кој треба да ја подобри квалитетот и ефикасноста на социјалната работа. Понатаму, за инвестиции во зголемување на капацитетите на градинките чиј број до 2028 година ќе достигне над 25 детски градинки – со цел вклучување на секое дете во предучилишното образование.

Министерот се осврна на политиките за млади.

„Според податоците, 34.8% од младите се невработени, а голем дел од нив не се вклучени ниту во образование, ниту во обука. Наша обврска е да создадеме средина во која тие ќе можат да го реализираат својот потенцијал тука, без да бараат можности надвор од својата земја. Затоа, како министер, мојата заложба е да изградиме интегрирана младинска политика која ќе ги обедини институциите, бизнис секторот, организациите и граѓанското општество,“ истакна Лимани.

Министерот зборуваше и за спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030. Притоа истакна дека се финансираат  проекти за вклучување на ромските деца во предучилишното образование и за подобрување на нивната социјална интеграција.

„Продолжуваме да бележиме напредок во родово одговорното буџетирање преку подобрување на институционалните механизми во Ресурсниот центар за креирање политики и родово одговорно буџетирање. Над 500 лица беа обучени за теми поврзани со родовата еднаквост и недискриминацијата,“ рече Лимани.

Тој посочи и дека се интензивираат активностите за заштита од родово базирано насилство.

Согласно податоците, во 2024 година беа регистрирани 1834 жртви, од кои повеќето беа жени и деца. Во насока на справување со насилството врз жените, започна подготовката на Национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жените и семејно насилство 2026–2033.

На крајот Лимани подвлече дека независно од предизвиците со кои се соочува нашата земја, постојат можности кои треба да се искористат за нејзин развој.

„ Важно е да создадеме услови сите луѓе да го остварат својот потенцијал. За сето тоа да биде успешно, координацијата и заедничката работа се од суштинско значење,“ заврши Лимани.