Лиле Стефанова продолжува да го гони Камчев


Фото. Б. Грданоски

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески ја овласти обвинителката Лиле Стефанова и понатаму да остане надлежна за предметот „Империја“.

Овој случај е во средиштето и на случајот „Рекет“, односно првоосомничениот во „Империја“ го пријави Бојан Јовановски-Боки 13 дека му изнудил рекет од 1,5 милион евра и му ветувал дека може да влијае врз поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и да му обезбеди ослободување од обвинението.

Камчев во овој случај се товари дека преку отворање офшор-компании перел пари, тој бил мозокот на операциите, а неговиот близок пријател, поранешниот шеф на УБК, бил моќникот од каде што Камчев ги црпел привилегиите да купува фирми во име на власта. Стефанова тврди дека има доволно докази против осомничените во „Империја“ и без разлика на тоа што Камчев се појавува како сведок жртва во друг случај, таа ќе го гони.

Камчев заврши во притвор за „Империја“, но со договор со Боки 13 и со помош на Јанева беше пуштен во домашен притвор. Врховниот суд го пушти на слобода, а потоа со дозвола на Јанева му беше издаден времен пасош.

Камчев во втората половина од април го пријави случајот кај премиерот Зоран Заев, а потоа и во Обвинителството кое на почетокот на мај отвори истрага наречена „Рекет“. Засега за овој случај има тројца осомничени, Јовановски, Јанева и Зоран Милевски-Кичеец.

Стефанова претходно од државниот обвинител доби овластување и за предметите на СЈО, „Титаник“, „Траекторија“ и „Маѓар телеком“, а нејзините колеги Стевчо Донев и Елизабета Јосифовска и натаму ќе ги застапуваат „Триста“ и „Тотал“, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски „Монструм“, а Ленче Ристоска предметот „Талир 2“.