Ликовни дела од Националната галерија на БиХ на изложба во МАНУ


Фото: Б. Грданоски

Во Ликовниот салон на МАНУ вечер од 20 часот ќе биде отворена изложба на околу 80 оригинални дела од 17 уметници  од 20 век членови на Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина.

До 22 април ќе бидат претставени  дела на најстарата генерација автори кои се школувале меѓу двете светски војни – Исмет Мујезиновиќ; Војо Димитријевиќ; Иво Шеремет и Мица Тодоровиќ; и со по едно или повеќе дела ќе бидат застапени и Антун Аугустинчиќ; Недељко Гвозденовиќ; Божидар Јакац; Бошко Куќански; Џевад Хозо; Бекир Мисирлиќ; Афан Рамиќ; Петар Перица Видиќ; Мехмед Заимовиќ; Слободан Брацо Димитријевиќ; Фрањо Ликар; Сафет Зец и Јагода Буиќ.

Делата се сопственост на Уметничката галерија на Босна и Херцеговина која изложбата ја организира во партнерство со нивната Академија, а авторка на поставката во МАНУ е Аида Абаџиќ-Хоџиќ. Критериум за изборот не била некоја естетска линија, туку идејата да бидат претставени најдобрите автори и нивните најрепрезентативни дела.

Во специјално подготвен каталог на босански, македонски и на англиски јазик претставени се 17-те застапени автори, нивните биографски податоци и карактеристиките на нивното творештво.

Директорот на Уметничката галерија на БиХ Страјо Крсмановиќ на прес-конференција по повод изложбата рече дека со неа ќе се продлабочат пријателските врски меѓу двете земји, затоа што во план е и возвратно гостување на дела од уметници членови на МАНУ во октомври во Сараево.