Ликовна уметност со помош на вештачка интелигенција – Зоран Попоски меѓу врвните светски дигитални уметници во Њујорк


Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски изложува на водечкиот меѓународен саем за дигитална и крипто уметност КАДАФ 2022 во Њујорк, САД, во периодот од 11 до 13 ноември 2022 година. На саемот Попоски ќе се претстави со избор на дигитални уметнички дела од неговото најново творештво, фокусирано на дигитална ликовна уметност создадена со помош на вештачка интелигенција (АИ).

„Годинава се случи премиерата во Лос Анџелес на мојот краток филм Уништен свет, прв краток филм каде сите елементи се создадени со вештачка интелегенција, а сега во Њујорк ќе ги претставам најновите ликовни уметнички дела создадени со помош на вештачка интелигенција“, изјави Попоски.    

 На саемот КАДАФ 2022 ќе бидат претставени над 300 дела од водечките светски уметници и уметнички колективи активни во современите дигитални уметнички медиуми, како што се вештачка интелигенција, виртуелна реалност, генеративна уметност, дополнета реалност, НФТ, и др. Покрај изложбите, КАДАФ 2022 ќе вклучува предавања, дебати и проекции со врвни светски експерти од оваа област.

Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.