Лидо ди Венеција и во корона-криза подготвено за „Мостра“


Долго време не се знаеше дали воопшто ќе се одржи или ќе биде откажан како оној во Кан. Но, Венецијанскиот филмски фестивал остана при своите планови, и покрај пандемијата: 77-то издание започнува денеска и ќе трае до 12 септември 2020 година. Но прочуената „Мостра“ воопшто не се одржува во лагунскиот град, туку на блискиот остров Лидо де Венеција- прекрасна дестинација во секој поглед

 

Бројни други меѓународни филмски фестивали беа откажани во последните месеци или ги прикажуваа своите филмови само преку интернет. 77-то издание на Венецијанската „Мостра“ е првиот голем фестивал што се одржува и покрај пандемијата на коронавирусот. За волја на вистината, ќе има помалку холивудски sвезди, но гламурот нема да недостасува.

Italien Venedig - Lido de Venezia (picture-alliance//robertharding/J. Bright)Лидо ди Венеција

Фестивалот ќе го отвори италијанската семејна драма „Лачи“ со Алба Рорвахер. По повеќемесечна неизвесност, затворени кина и откажани снимања, сега постои надеж дека работите полека ќе се вратат во нормала.

Сепак, безбедносните мерки заради пандемијата ќе играат важна улога и во Венеција. Директорот на фестивалот Алберто Барбера објави голем број правила: помалку филмови, повеќе кина, едно и на отворено.

Освен тоа, на влезот во киносалите на Лидо ди Венеција на посетителите ќе им биде мерена телесната температура, задолжително е тие да носат маска ( и за време на прикажувањето на филмот) и да се одржува физичка дистанца. А, како ќе се одржат пресконференциите? Како ќе изгледаат работите со црвениот килим кога ќе пристигнуваат филмските ѕвезди? Тоа ќе се види во наредните денови….

Вкупно 60 играни филмови и 15 кратки филмови ќе бидат прикажани за време на фестивалот, соопштија организаторите.

Во официјалната трка за главната награда „Златен лав“ годинава ќе се натпреваруваат 18 филма, од кои четири се италијански – „Le sorelle Macaluso“ од Ема Данте, „Padre nostro“ од Клаудио Ноче, „Miss Marx“ од Сузана Никијарели и „Notturno“ од Џанфранко Орси. Уште еден италијански филм – „Lacci“ од Даниеле Лукети, ќе се прикаже вон конкуренцијата за „Златен лав“, а со него и ќе се отвори фестивалот, којшто ќе трае до 12 септември.

Жирито годинава го предводи австралиската глумица Кејт Бланшет. Меѓу членовите се и Французинката Лудивин Сање и режисерите – Германецот Кристијан Пецолд и Романецот Кристи Пују.

Британската актерка Тилда Свинтон и режисерката од Хонг Конг – Ан Хуи ќе го добијат Златниот лав за животно дело.

Златниот лав минатата година го освои филмот „Џокер“ во режија на Тод Филипс, со Хоакин Феникс во главната улога.

Фестивалот, како дел од Венециското биенале, бил основан од грофот Џузепе Волпи во 1932 година. Од 1932 до 1942 година, главната филмска награда била именувана како „Куп Мусолини“, по тогашниот италијански фашистички премиер Бенито Мусолини. Наградата била именувана како „Златен лав“ во 1949 година, а првото признание го добил францускиот филм „Манон“. (Дојче веле)