„Лидл“ сака да гради дистрибутивен центар во Кисела Вода, но и неколку маркети


Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, на социјалните мрежи се пофали дека имал состанок со претставници од претставништвата на „Лидл“ од Бугарија и Македонија, при што тие изразиле намера да инвестираат во оваа општина.

– Денес имавме прилично конструктивна средба со претставниците на ,,Лидл” од претставништвата во Бугарија и Македонија, кои пројавија интерес за инвестирање во општина Кисела Вода. Подискутиравме околу достапните локации на кои би можеле да се отворат маркети, но и регионален дистрибутивен центар на германскиот гигант кој е присутен секаде во нашето соседство, освен во Македонија – напиша Ѓорѓиевски.

На овој работен состанок им биле презентирани погодностите кои Општина Кисела Вода ги нуди, како средина која има добра местоположба и развој кој одговара на потребите на оваа компанија.

– Задоволен сум што потенцијалните инвеститори ја препознале новата енергија со која функционира оваа локална самоуправа и ги согледале актуелните перспективи, инвестициските можности и новите проекти кои ги спроведуваме во различни области со цел унапредување на општината.  Конкретно, инвестицијата би вредела неколку милиони евра и би значела вработување на огромен број лица.

Ѓорѓиевски најави дека  вработените би имале плати кои се околу или над просечните во Македонија.