„Лидл“ по Куманово, купи земјиште и во Кавадарци
Германскиот синџир „Лидл“ купил земјиште и во Кавадарци, дознава еМагазин. Веќе е уплатен и дел од парите за земјиштето.
Како што објави Независен, Општина Куманово на почетокот на месецот соопшти дека на јавно наддавање продаде земјиште на трговскиот ланец „Лидл“ за изградба на логистички центар.
На јавното наддавање по пат на електронска аукција биле пријавени три компании, а најповолен понудувач со највисока понудена цена била компанијата ДТМ ЛИДЛ Северна Македонија ДООЕЛ, со седиште во Скопје. Најповолната понуда изнесува 1906 денари за 1м2, или вкупно за 170.996м2 (~17ха) е 325.920.015,00 денари (~5,3 мил. Еур).
По завршување на административната постапка за избор на најповолен понудувач и по исполнување на сите услови пропишани во јавниот повик, имотот ќе премине во сопственост на најповолниот понудувач по што ќе следува реализација на инвестицијата, информирале од Општина Куманово.
„Лидл“ ќе почне со изградба на маркет во Битола, кој ќе се наоѓа кај кружниот тек на Дулие, објави летово „Битола њуз“.
Во февруари 2021 година „Лидл“ ја регистрираше својата компанија во Македонија, а ќе биде управувана од бугарската филијала.