„Лидл“ го зајакнува македонскиот извоз со значителен раст во 2024 година
Дваесет македонски компании со помош на „Лидл Северна Македонија“ реализирале извоз во вредност од над 5 милиони евра
Над 5 милиони евра е извозот што го реализирале македонски производители преку продажната мрежа на „Лидл“ во 2024 година. Извозниот промет бележи пораст од 25 пати во однос на истиот период лани, а заедно со „Лидл Северна Манедонија“, 20 македонски компании реализирале извоз во 3 земји од регионот – Србија, Бугарија и Хрватска.
„Минатата година ‘Лидл Северна Македонија’ оствари посериозен извоз на македонски производи во регионот и покрај тоа што не е сеуште оперативна компанија со маркети во државата. За прв пат, во Лидл Србија, Бугарија и Хрватска, организиравме неколку тематски недели посветени на традиционалните македонски производи и претставување на автентичноста на македонската кујна. Производите ги задоволуваат сите потребни стандарди за врвен квалитет и особено нè радува што се одлично прифатени од потрошувачите. Ова е доказ за одличната соработка и успешните партнерства кои ‘Лидл’ ги гради со локалните производители и добавувачи. Со овој позитивен тренд за поддршка на македонските компании ќе продолжиме и оваа година, проширувајќи го извозот и во други земји.“, изјави Стефан Георгиев, директор за набавки на „Лидл Северна Македонија“.
Тој посочи дека почитувањето и имплементирањето на највисоки стандарди за безбедност и квалитет на храната, не се само услов за почеток на соработка со „Лидл“ туку и потврда за конзистентниот врвен квалитет на сите производи и сигурноста на потрошувачите дека го добиваат најдоброто.
Во 2024 година прометот од извоз на овошје и зеленчук од македонско поднебје преку „Лидл“ е над два милиони евра, а најголем е извозот на грозје, зелка, црвена пиперка, домати и сливи. Истите се од домашни производители кои поседуваат Global G.A.P. и GRASP меѓународно признати стандарди за земјоделско производство гарантирајќи дека производите се безбедни и одговорно одгледувани.
За „Лидл“ е од исклучителна важност и синџирот на снабдување да ги исполнува највисоките критериуми за сигурност преку задолжително имплементирање на IFS меѓународен стандард за квалитет и безбедност на храна. На овој начин препознатливиот домашен ајвар, бело и црвено вино, јагнешко месо, охридски ѓеврек, кочански ориз, овчо сирење, козјо кисело млеко, малиџано, лутеница, пастрамајлија, слатко и многу други производи од сертифицирани производители остварија одличен извоз во соседните земји. По успешната оценка и прифаќање на производите целта е тие да бидат дел од редовната годишна испорака и асортиман на „Лидл“.
Сопствените брендови на „Лидл“ се добро познати на потрошувачите во различни европски земји и се одлична можност преку која македонските производители, партнери на „Лидл“, може лесно да дојдат до нови пазари, а со тоа и да добијат поголеми можности за продажба на нивните производи.
„Лидл“ е најголемиот европски ланец за малопродажба на храна. Дел е од германската групација Schwarz и е присутен во 31 земја, на четири континенти. Предностите на бизнис моделот се базираат на оптималниот асортиман на производи со најдобар сооднос квалитет-цена, грижата за своите вработени и партнери, како и воведувањето на иновативни пристапи и начини на работење.
На почетокот на минатата година „Лидл Северна Македонија“ започна со изградба на логистички центар во Куманово. Компанијата денес има повеќе од 200 вработени со намера тој број да расте во иднина.