Лидија Димова разрешена од директорското место


Откако јавното обвинителство денеска отвори истрага против Лидија Димова за злоупотреба на средства од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Управниот одбор експресно ја разреши од функцијата директор. Финансиската полција поднесе кривична пријава против Димова и за уште три лица за злоупотреба, измама и штета од 400 илјади евра европски пари, а обвинителство брзо против неа и уште неколку лица отвори истрага.

Покрај Димова, во оваа истрага се опфатени и сопственикот на „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски, надворешен соработник со иницијали А.Г. и А.П.,  благајник во Националната агенција.

Обвинителството во соопштението наведе дека тројца од нив се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело измама со средствата на Европската заедница, а Димова дополнително е осомничена и за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Четвртото лице, благајникот, е осомничено за несовесно работење во службата.

Премиерот Зоран Заев пред една недела изјави дека ќе го поддржи предлогот за разрешување на директорката Димова, по иницијативата на вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.