Лидерски стил: Вратоврската ги раздели Заев и Мицкоски


Премиерот и лидер на СДСМ Заев лежерен без вратоврска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски сериозен, со сребрена вратоврска. И двајцата во костуми, едниот во тегет боја, со бела кошула, другиот, во сив костум, на сина кошула. Елегантни, синоќа, во Скопје, на преговори за законот за ЈО и за идниот статус на СЈО кои по седум часа, пропаднаа.

На Заев моден додаток му беше насмевката, а на Мицкоски ништо не можеше да му се прочита од лицето.

Елегантен, секогаш во костум и во кошула, со вратоврска или без вратоврска. Таков е стилот на Зоран Заев откако е на премиерската функција. Костумите најчесто му се струкирани, во темносива и темносина боја. Кошулите, исто така, еднобојни, а и вратоврските некогаш се класични, а некогаш во џиш-боја, како црвената.

Заев досега не прави модни излети ниту во фармерки ниту носи ролки. Чевлите очигледно му се фах. Ги избира модерни, со врвки, со полузаоблен врв.

Христијан Мицкоски е исто така, елегантен, некогаш успешно, а некогаш неуспешно, а во неофицијални, но на јавни прошетки можете да го сретнете и во бермуди, како летово, во Охрид, пред отварањето на Охридско лето.

Вратоврската и во политиката и во животот ги открива вашиот животен стил и политичка кариера. Зависи каде и кој ви ја врзал вратоврската. Вие или партнерката. Ве одава што (не) сте или што сакате да бидете. Крие финеси во јазолот, бојата и во материјалот.

Не секој што носи вратоврска е господин ниту секој што не носи не е за почитување.

Иако на крајот од денот секоја стегната вратоврска завршува олабавена околу вратот.

Сега полежерната комуникација дозволува да се носи костум без вратоврска.

Со украсни копчиња за манжетните на кошулата и еднобојно или дезенирано украсно шамиче во горниот џеб на палтото. Изборот е ваш. Само внимавајте, вратоврската ја брише границата меѓу етиката и естетиката!

Л. Сабит     Фото: Б. Грданоски