Лидерска средба: Како корона вирусот ќе влијае врз изборниот процес


Сеедно дали кампањата формално ќе почне уште следната седмица или нешто подоцна, неформалната кампања е во полн ек (Фото. Борис Грданоски)

Лидерите на политичките партии утре ќе имаат заедничка средба на која заедно со премиерот Оливер Спасовски ќе зборуваат за актуелната состојба со корона вирусот во земјава, за мерките што ги презема Владата да го спречи ширењето на вирусот, како и за влијанието врз претстојните парламентарни избори, односно одвивањето на кампањата.

Од Владата на брифинг со главнитте уредници на повеќе македонски медиуми потврдија дека премиерот Оливер Спасовски ја свикал средбата и дека на неа ќе бидат ставени на маса сите прашања поврзани со состојбата со корона вирусот во земјава и влијанието врз изборниот процес во пресрет на изборите кои се закажани за 12 април.

Како што е познато, Владата вчера донесе повеќе препораки, меѓу кои и забрана за одржување на сите масовни собири и настани на отворен и затворен простор со над 1.000 учесници во наредните 14 дена, што се поклопува и со почетокот на кампањата за изборите. Доколку мерката биде продолжена, илки дури заострена, што ќе зависи од натамошниот тек на ширењето на заразата, таа може да влијае на одржувањето големи предизборни митинзи и собири.

На лидерската средба кај премиерот Спасовски се очекува да присуствуват лидерите на најголемите политички партии – на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса, ДПА, Алијанса на Албанците и на Алтернатива.

Синоќа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан дали поради корона вирусот може да се одложат парламентарните избори рече дека не сака да дава хипотетички одговори и дека во четврток на лидерскаата средба ќе разговараат за реалната состоја со КОВИД 19, па дури потоа ќе може да се носат заклучоци.