Лидерот на опозицијата во Јужна Кореја прободен со нож во вратот

Обидот за атентат се случи за време на посетата на Ли Џае-мјунг на јужниот град Бусан. Состојбата на политичарот е стабилна


Ли Џае-мјунг веднаш откако беше прободен во вратот

 

Лидерот на јужнокорејската либерална опозиција, Ли Џае-мјунг, беше избоден со нож во вратот од неидентификуван маж кој се обидел да го убие за време на неговата посета на југоисточниот град Бусан, соопшти полицијата.

Ли (59), шеф на главната опозициска Демократска партија, беше пренесен со хеликоптер во болница во Сеул на операција откако доби итна помош во Бусан. Полицијата и претставниците на итната помош претходно изјавија дека тој бил свесен по нападот и дека не е во критична состојба, но неговиот точен статус не е познат.

Нападот се случи додека Ли поминуваше низ толпата новинари и други лица по обиколката на предложената локација за нов аеродром во Бусан. Напаѓачот му пришол на Ли, велејќи дека сака да добие автограм, а потоа го прободел со нож во левата страна на вратот, изјави високиот полицаец во Бусан, Сон Јае-хан на брифинг. Сон рече дека претставници на Демократската партија во близина на Ли брзо го совладале напаѓачот пред полицајците да го приведат.

На телевизиската снимка се гледа дека Ли со затворени очи лежи на земја додека едно лице го притискало шамивчето на вратот за да го запре крварењето. Еден сведок изјави дека Ли многу крварел. Видеата циркулирани на социјалните мрежи покажаа дека осомничениот, носел хартиена круна на која пишува „Јас сум Ли Џае-мјунг“, го бркаат и тепаат неколку луѓе, меѓу кои очигледно има и полицајци во цивилна облека.

Сон рече дека осомничениот, на возраст од околу 67 години, им рекол на истражителите дека го купил ножот од 18 сантиметри преку интернет. Тој рече дека полицијата ги истражува мотивите за нападот. Други полицајци рекоа дека се очекува полицијата да побара осомничениот да биде формално уапсен за наводен обид за убиство, бидејќи тој им рекол на инспекторите дека има намера да го убие Ли.

Демократската партија на Ли го нарече инцидентот „терористички напад врз Ли и сериозна закана за демократијата“. Таа ја повика полицијата да спроведе целосна, брза истрага.

Во Националната универзитетска болница „Пусан“ во Бусан, каде што Ли доби итна помош, партискиот портпарол Квон Чил-сеунг рече дека се верува дека југуларната вена на Ли била оштетена и дека постои загриженост поради големото крварење.

Ли Џае-мјунг кратко време пред да биде нападнат

Претседателот Јун Сук Јеол изрази длабока загриженост за здравјето на Ли и им нареди на властите да го истражат нападот, велејќи дека такво насилство нема да се толерира, соопшти канцеларијата на Јун.

Ли ги загуби претседателските избори во 2022 година од Јун за 0,7 процентни поени, што е најтесна разлика досега забележана на претседателските избори во Јужна Кореја. Неодамнешните јавни анкети покажаа дека Ли и неговиот главен конзервативен ривал Хан Донг-хун, поранешен министер за правда, се двата први фаворити да го наследат Јун како претседател кога неговиот единствен петгодишен мандат ќе заврши во 2027 година.

Ли се соочува со низа обвинувања за корупција, вклучително и дека дал незаконски услуги на приватен инвеститор кој собрал огромен профит од сомнителен станбен проект во градот Сеонгнам, каде што Ли беше градоначалник една деценија до 2018 година. Ле ги отфрла ваквите обвинувања и тврди дека владата на Јун спроведува политичка одмазда.

Ли, кој исто така беше гувернер на провинцијата Ѓеонгги, која го опкружува Сеул, е познат по својот отворен стил. Неговите поддржувачи го гледаат како антиелитистички херој кој може да ја реформира политиката на естаблишментот, да ја искорени корупцијата и да ја реши растечката економска нееднаквост. Критичарите го сметаат за опасен популист кој се потпира на поттикнување поделби и демонизирање на неговите конзервативни противници. (АП)