Консензус за датумот нема, Заев сепак најавува избори


И втората лидерска средба за изборите пропадна. Нема најава за нова. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со големи разлики кога би можело да се оди на гласање

 

И по три часови разговори лидерите на политичките партии повторно не се договорија за датумот на изборите. Тоа го кажаа сите политички лидери по средбата кај претседателот Стево Пендаровски, а прв лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села. Сега е неизвесно како понатаму ќе се одвиваат работите. Села не можеше да каже ни дали ќе има нова лидерска средба, бидејќи за тоа треба да ги извести шефот на државата. Тој сметаше дека на избори треба да се оди на 26 јули бидејќи до тогаш ДИК ќе има доволно време за подготовка на изборниот процес, а со отворање на границите ќе може да се обезбедат меѓународни набљудувачи.

„Констатацијата на ДИК е дека не можат да ги направат изборите во рок од 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Одговорот од ОДИХР беше дека тие можат да учествуваат како набљудувачи на овие избори, но треба да се одреди датумот и да се земат предвид здравствените протоколи, како и протоколите за границите. Со други зборови, додека границите се затворени, тие немаат некој одговор. Нашиот предлог за избори на 26 јули, кој е заеднички на Алијансата за Албанците и коалицискиот партнер, е тоа што во овој период прогласувањето на победата над корона вирус ќе продолжи и ќе биде помалку ризично за граѓаните, а исто така во овој период границите ќе бидат отворени за мисијата на набљудувачи на изборите, што е многу битно за изборите. Исто така, ДИК ќе може да ги отвори списоците за граѓаните кои наполниле 18 години“, порача Села.

Според него, на оваа средба не се дошло до компромис бидејќи „двете македонски партии имаат забарикадирани ставови за датум за избори“. Села ги повика сите партии да најдат заеднички јазик бидејќи, како што рече, за одредувањето датум за избори треба да има политички консензус.

Во текот на следните денови се очекува партиите да имаат меѓусебни разговори. ВМРО-ДПМНЕ се за избори на крајот на август или на почетокот на септември, додека СДСМ за крајот на јуни. За брзи избори се изјасни и ДУИ. Алијанса на Албанците и Алтернатива не се за избори на 21 јуни. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по лидерската средба истакна дека е многу битно во вонредна ситуација сите да се одговорни.

„Свесни сме дека земјата е без Собрание и е со техничка влада, но во моментот е нападната од многу опасен вирус. Многу е битно оваа ситуација да не се политизира. Важно е да се има консензус за датум за избори, но здравјето на граѓаните е пред сѐ“,  истакна Ахмети.
Според Билал Касами од Беса, останува Владата и претседателот да одлучат до кога ќе трае вонредната состојба, а потоа да се донесе одлуката за датумот за избори. Тој апелираше институциите да ги подготват граѓаните за натамошните избори, нагласувајќи дека тие сакале изборите да се одржат во јуни.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски,  најпрво се извини што место за мерки за превенција зборуваат за избори што ќе го загрозат, според него, здравјето на граѓаните, особено на ден кога има 25 нови дијагностицирани од Ковид-19. Тој рече дека денес лицитирале за датуми, дека се родиле многу нови правни дилеми што ги елаборирале присутните, а ВМРО-ДПМНЕ ја отворило дилемата за ажурирањето на списоците во дијаспората.
Лично бил разочаран од препораките на Комисијата за заразни болести кои биле вообичаените како за секој ден, при што најде и член во неа близок до СДСМ. ОДИХР, според него, порачал – кажете ни датум и ние ќе одредиме во колкав обем да испратиме мисија. Тој предложил 23 и 30 август и 13 септември како датуми кога според ВМРО-ДПМНЕ ќе се намали пандемијата. Имало, според него, ултиматум од Заев, но тие не го прифатиле и опстојуваат на овие три предлози. За да илустрира колку е сериозна епидемијата тој го спомена случајот со заразениот телохранител на Пендаровски, запрашувајќи – како ќе се одржеше средбата да беше од потесниот круг на претседателот?
На забелешката дека испаѓа дека  тој е најзагрижен за здравјето на граѓаните, а сепак излегол со датум, Мицкоски повтори дека нивна проценка е дека крајот на август и почетокот на септември вирусот ќе има најмала присутност. На потпрашањето од каде му е гаранција дека ќе биде таква состојбата и дека нема да се разболи и тој самиот, тој одговори дека е точно дека нема гаранција како ќе биде, но имајќи ги сите студии и анализи пред себе и сите избори во Европа, како во Франција, а сакајќи да имаме кредибилна мисија посебно од оваа земја, дале предлог датум.
„Ако дојде до влошување, се разбира, ќе бараме некој друг термин“, рече тој.
Околу дилемата што ако не дојде до продолжување на вонредната состојба и почне да тече рокот за избори, Мицкоски рече дека сите исплати кон граѓаните во пакетот економски мерки заради епидемијата, ќе станат поткуп бидејќи такви исплати не може да се прават пред избори. Така што, ако Владата сака да го реализира тоа што го ветила со економските мерки, подобро да ги оствари прво мерките, па да спроведува избори. Тој не сакаже да каже дали ќе ги бојкотира изборите ако сепак нема продолжување на вонредната состојба и продолжи изборниот процес.
„Господ да чува“, беше реакцијата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на извинувањето на Мицкоски за средбата бидејќи, како што рече, и првата и втората биле токму на негово барање.
„Неодговорноста, незрелоста, мислењето само на партиската фотелја, нѐ доведоа до тоа да немаме договор за избори. Не сум видел досега ваков политичар што има толкав страв од сопствените граѓани. Тој и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да се одолговлекува здравствената криза и да се соддаде политичка криза. Ние тоа нема да им го дозволиме. Предупредување за новиот бран од епидемијата издаде и Светската здравствена организација. Ние за тоа треба да се подготвиме“, рече Заев.
Според него, политичките партии треба колку што можат бобрзо да ја обезбедат таа нова нормалност на граѓаните.
„Мицкоски не кажува, ниту знае како ќе се свика парламентот. Повторно бара некакви извештаи, комисии за да добие на време, како и гаранции дека ќе има нула заразени. Затоа за нас ова е само купување време. Изборите се утврдени и закажани, тие се на 21 јуни“, рече Заев. Според него, на македонските граѓани и економија им требаат стабилни институции.
„Џабе е бегањето од избори на господинот Мицкоски. Бегање нема, избори ќе има“, рече Заев. „Ако има некој што може да гарантира дека на крајот на август или во септември нема да има заразени, нека каже. Ама и да преземе одговорност ако не биде така“, рече Заев отфрлајќи ја забелешката каква е таа демократија ако се оди на избори без консензус.
Тој праша кој е тој друг акт, освен уредбата за изборите, што кажува кога да се одржат тие, а има уставна и законска основа? Според него, не постои таков друг акт и не може да се донесе друга таква одлука без да се крши Уставот. „Лидерите ли ќе го решат тоа?“ – праша Заев, нагласувајќи дека секој граѓанин може да урне таква одлука на Уставен суд.
Околу дилемата дали ќе оди на избори ако ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотира Заев одговори:
„Не можам денес да донесам таква одлука, можат само да кажам што е тоа чувство на одговорност кон граѓаните. Дополнително ќе направиме консултации за тоа“, рече Заев. Според него, нема закажано нова средба, се констатирал неуспех да се договорат за датумот и останале само законските можности, т.е. уредбата. (С.Ј.)