Лидерите на Влен делеа решенија за вработување во тетовската болница, за директорот настанот не бил партизиран


Во амфитеатарот во Клиничката болница Тетово денеска беше организиран свечен настан на кој 109 здравствени работници добија решенија за вработување во оваа јавна здравствена установа.

За настанот објавија дел од локалните медиуми, а на Фејсбук информацијата ја сподели и градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кој упати честитки до здравствените работници за добиените решенија за вработување во тетовската болница.


„Ги зајакнуваме капацитетите на болницата и ги подобруваме здравствените услуги за граѓаните на Тетово и Полошкиот Регион. Им честитам на здравствените работници кои денес ги добија своите решенија и им посакувам успешна работа. Инвестирањето во луѓето и во здравството е инвестиција во иднината на нашиот град. Ќе продолжиме да работиме тетовската болница да ги има кадарот, условите и капацитетите што ги заслужуваат нашите граѓани. Наскоро и целосна реконструкција на тетовската болница“, напиша Касами во објава на Фејсбук.

Покрај градоначалникот на Тетово и копретседател на Влен, на настанот присутни беа и доделуваа решенија за вработување и министерот за здравство Сашо Клековски, првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, но и градоначалникот на скопски Чаир и колидер на владејачката Влен – Изет Меџити.

Присуството на двајцата копретседатели на владејачката партија на Албанците на настанот на кој се доделуваа решенија за работа во Клиничката болница Тетово, која е јавна здравствена установа во рамки на Министерството за здравство, беше повод да се обратиме до ресорното министерство и до директорот на болницата и да прашаме – во кое својство Касами и Меџити делеле решенија за вработување.

Од Здравство посочија дека Клиничката болница Тетово, а не тие, биле организатори на настанот и дека единствено биле поканети да присуствуваат на церемонијата.

„Домаќини беа од Клиничката болница Тетово. Тие ги праќаа поканите за настанот и го правеа сценариото“,велат од Министерството за здравство за „360 степени“.

За дополнителни прашања на темата, оттаму нè пренасочија до директорот на тетовската болница, Ерзен Елези.

Тој, пак, во кус телефонски разговор отфрла партизација и политизација на настанот. Касами и Меџити, вели тој за „360 степени“, биле повикани не како копретседатели и претставници на Влен, туку во својство на градоначалници.

„Нема ништо политичко. Решенија за вработување доделивме и јас и министерот Беким Сали и министерот Сашо Клековски. Не беа повикани како копретседатели на Влен, туку како градоначалници. Ги повикавме за да ги испочитуваме и им дадовме да поделат по пет решенија за вработување. Тие немаа ниту говори на настанот, а не беше ниту предвидено да доделуваат решенија, но на крајот рековме да ги испочитуваме и им дадовме да поделат“, изјави директорот на тетовската болница.

Од Министерството за здравство соопштија дека со денешниот настан практично се заокружува проектот за вработување на 1 500 повеќегодишни договорци, а најавија дека набрзо ќе биде комплетиран и проектот за вработување на 600 специјализанти./360степени