Лидерите на протестите во Белорусија преминале во Украина

Членовите на белорускиот опозициски Координативен совет, вклучувајќи ја и лидерката на протестите, Марија Колесникова, денеска ја минале границата и влегле во Украина, изјави портпаролот на белоруската државна комисија за граници, Антон Бичковски.

-Потврдуваме дека во 4 часот утринава ја минаа граничната контрола на преминот Александровка, рече портпаролот на агенцијата за Тасс.

Во групата биле лидерката на протестите Марија Колесникова, потоа Иван Кравчов и Антон Роденков.

Маскирани лица вчера ја грабнале Колесникова од центарот на Минск и ја однеле со комбе, а нејзини двајца соработници подоцна исчезнале, соопшти опозициското движење, пренесоа британските медиуми.

Колесникова имаше важна улога за време на масовните демонстрации и штрајкови во последните три недели, откако актуелниот претседател Александар Лукашенко освои нов мандат.

Опозицијата тврди дека изборните резултати беа наместени, додека Лукашенко ги негира обвинувањата и тврди дека странските сили се мешаат во внатрешните работи на Белорусија.