Лидерите на ЕУ ќе „пресечат“ денес за проширувањето, Орбан ги нарече себични

Според Шарл Мишел денешниот неформален лидерски самит ќе биде „важен“ состанок бидејќи е почетна точка за  долгорочната стратешка агенда


Кандидатите за членство во ЕУ треба да ги „засилат“ реформите, изјавија лидерите
на Унијата доаѓајќи на самитот на Европскиот совет што денес се одржува во Гранада. Во нацрт-декларацијата на самитот лидерите пишуваат дека „проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот“.

„Гледајќи напред кон перспективата за натамошна проширена Унија, и ЕУ и идните земји-членки треба да бидат подготвени“, велат лидерите во нацртот заклучокот од 4 октомври.

„Кандидатите членки треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување заснована на заслуги и на помош на ЕУ. Паралелно, Унијата треба да ги направи потребните внатрешни основи и реформи“, стои во документот што треба да го прифатат лидерите и кој треба да отвори врата да почнат вистинските разговори за реформите во ЕУ кои, според претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, треба да завршат до идното лето, т.е. пред изботите за Европскиот парламент.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во изјавата пред самитот рече дека денешниот неформален лидерски самит ќе биде „важен“ состанок бидејќи е почетна точка за  долгорочната стратешка агенда.

„Проширувањето значи дека земјите-кандидати имаат реформи да спроведат, а тие  знаат што треба да направат. Од наша страна, пак, од страна на ЕУ, треба да се подготвиме“, рече тој.

Според Мишел, треба да се дадат одговори на три прашања: Каде сака ЕУ да оди во иднина и кој да ѝ биде приоритет, како да одлучува заеднички и како да се подготви за тоа.

Германскиот канцелар, Олаф Шолц, беше тој што ги постави првите „борбени линии“ за очекуваната интензивна и бурна дебата како може ЕУ финансиски и политички да издржи до 10 нови земји. Тој рече дека иднината на гласањето со консензус  во надворешната политика и оданочувањето, што ќе биде спорно прашање меѓу помалите земји, ќе треба да се реши. Но, тој исто така сугерираше дека членките на ЕУ ќе мора да се откажат од своето право да ги имаат најмоќните работни места во Брисел, комесарските.

„На крајот на краиштата, не можете скоро секогаш да ја проширите владата и да измислувате нови министерства“, рече тој зборувајќи за комесари. Тој додаде дека ќе треба да се најде „прагматично решение“ и за бројот на места што Германија ги има во парламентот. 

„Среќен сум што рано разговараме за ова, бидејќи е сосема очигледно дека многу прашања не можат лесно да се донесат со заеднички заклучок. Тоа не е премногу лошо. Сите ние сме возрасни, така што и вие мора да бидете во можност да разговарате и да ги решавате проблемите. Но, за тоа сега треба да се разговара“, рече тој.Тој, исто така, ја повика ЕУ да го исполни своето 20-годишно ветување дека ќе дозволи влез на балканските држави во блокот.

Естонската премиерка Каја Калас рече дека кога станува збор за проширувањето на блокот „Европската унија мора да биде подготвена и треба да направиме сѐ што треба за тоа на наша страна“.

„Доколку земјите ги исполнуваат критериумите, тогаш продолжуваме со преговарачкиот процес. Не може, знаете, земјите да ја завршат нивната обврска, а потоа ние да кажеме  – О, но ние не сме подготвени“, рече таа. Укажувајќи на дискусиите за 2030 година, Калас додаде: „Мислам дека треба да се движиме побрзо од тоа на наша страна за да бидеме подготвени“.

Новата премиерка на Латвија, Евика Силиа, рече дека поддршката за Украина е на врвот на нејзината агенда.

„За Летонија наша главна тема и главен приоритет ќе остане Украина“, изјави таа за новинарите. „Ние веруваме дека мораме да ја поддржиме Украина финансиски, воено и политички, но во исто време има и други прашања кои се важни за нашето општество, како што се високите стапки на инфлација, илегалната миграција“, рече таа.

Само унгарскиот премиер Виктор Орбан го започна денот со објавување видео на Фејсбук во кое ги искритикува „бриселските бирократи“ поради политиките насочени кон поддршка на Украина. Во видеото, објавено од Гранада и комплетирано со драматична музика во позадина, Орбан ги нападна плановите за зајакнување на помошта за Киев, како и миграцискиот пакет на блокот. Унгарија, рече тој, нема да ги поддржи плановите за ревизија на долгорочниот буџет на ЕУ.

„Брисел создава Орвеловски свет пред нашите очи. Тие купуваат и снабдуваат оружје преку European PeaceFacility. Тие сакаат да ги контролираат медиумите преку Законот за медиумска слобода. Не се боревме со комунистите за да завршиме во 1984 година!“- напиша Орбан, па додава:

„Жешко е во Брисел. Буџетот е хаос, Пактот за миграција пропадна, а стратегијата на Брисел за руско-украинската војна е суштински погрешна. Во оваа ситуација, Унгарија не може да поддржи ниту еден предлог за амандман на буџетот“, порача Орбан. Иако јасно порача дека не сака брзање за Украина, бидејќи не се знае кои и се границите, колку луѓе живеат во неа и слично, тој рече дека за неа одлуки треба да се носат дури како трет чекор – откако ќе се направи стратешка анализа што значи нејзиното вклучување во ЕУ и  откако ќе преговараат за тоа земјите членки.

„Треба да знаеме зошто е важно ЕУ да ја интегрира Украина и кои се последиците од тоа, пред се безбедноста. Тоа е земја во војна, никогаш не сме го правеле ова со земја во војна, има многу прашања што треба да разговараат стратешки“, рече тој.

Тој сепак ги нарече себични другите лидери на ЕУ кои според него зборуваат за проширување,а не сакаат да ги делат фондовите криејќи се зад фразата „умот од проширување“. 

Претседателката на ЕП, Роберта Мецола, силно го поддржа проширувањето порачувајќи дека Европа мора да се реформира и дека затоа ќе повика на почеток на процесот за проширување на ЕУ. „Светот се менува, и ние мора да се прилагодиме со него“, рече Мецола.

Ирскиот премиер Лео Варадкар отиде подалеку, барајќи и да се забрза процесот на проширување.

„Јас сум многу амбициозен за проширувањето. Мислам дека некои земји, особено некои од земјите на Балканот, беа замолени да чекаат предолго. Мислам дека треба да  забрзаме. Но, исто така мислам дека треба да бидеме искрени и реални со луѓето за тоа колку време е потребно“, рече тој.

„Мора да исполните одредени стандарди за да влезете во Европската унија. Секој има домашна задача за проширувањето“, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Миграцијата сепак се заканува како прашање да ги блокира заклучоците, откако Полска и Унгарија навестиоја дека може да стават вето на документот, во кое треба да биде и проширувањето. Орбан рече дека бил „силуван“ од други земји-членки на ЕУ околу ова прашање. Иако земјите-членки на ЕУ веќе се согласија на два круга закони за миграција, еден во јуни и еден неодамна во средата, Орбан ја доведе во прашање нивната легитимност, инсистирајќи дека одлуките треба да бидат едногласни.

„Законски сме  – како да се каже – силувани. Значи, ако сте силувани, законски, принудени да прифатите нешто што не ви се допаѓа, како би сакале да имате компромис и договор? Тоа е невозможно“, рече тој.

Во однос на ова прашање се предлага сепак остар јазик:„Нелегалната миграција треба веднаш да се реши на одлучен начин. Нема да дозволиме шверцерите да одлучуваат кој ќе влезе во ЕУ“, стои во нацртот. „Ќе продолжиме со сеопфатен пристап кон миграцијата кој комбинира зголемена надворешна акција, заемно корисни сеопфатни партнерства со земјите на потекло и транзит, решавање на основните причини за миграцијата, можностите за легална миграција, поефикасна заштита на надворешните граници на ЕУ, решителна борба против организираниот криминал, трговијата со луѓе и шверцот, инструментализацијата на миграцијата како хибридна закана, засилувањето на враќањето и внатрешните аспекти, во согласност со меѓународното право, принципите и вредностите на ЕУ и заштитата на основните права“, пишуваат лидерите.

Видео порака од премиерот на Ирска за Македонија

Премиерот на Ирска, Лео Варадкар, даде и специјална  видео порака за нашата држава во која дава целосна поддршка  да стане членка на ЕУ. Варадкар притоа нагласува дека ЕУ го штити и почитува националниот идентитет на земјите членки, говори и за економскиот развој и придобивките кои неговата земја ги има како членка на ЕУ. Од релативно сиромашна држава пред 15 години, Ирска како членка на Унијата успеала економски да зајакне и да овозможи просперитет за младите генерации во земјата.

„Ирска целосно го поддржува барањето на Северна Македонија да стане членка на Европската Унија. Ние се приклучивме на ЕУ пред 15 години, бевме неразвиена држава, дури и релативно сиромашна држава, според европски стандарди. Приклучувањето на ЕУ ни помогна да ја трансформираме нашата економија, да ја надградиме, за да можат младите да останат дома и да ги градат своите животи таму, како и да откријат и други можности”, вели во видео обраќањето ирскиот премиер.

Варадкар, во обраќањето истакнува дека членството на Ирска во ЕУ, помогнало земјата да го заштити својот национален идентитет. Премиерот на Ирска посакува што побрзо Северна Македонија да стане членка на големото европско семејство.

„Членството во ЕУ ни помогна да го заштитиме и сочуваме нашиот национален идентитет. Многумина во тоа време велеа дека Ирска ќе биде проголтана од големата Европска Унија, но Унијата не функционира така. Таа ги почитува националните идентитети и диверзитетот. И со нетрпение очекувам Северна Македонија да се приклучи на семејството на ЕУ што е можно побрзо”, вели Лео Варадкар, премиер на Ирска. (С.Ј.)