Лидерите на ЕУ денес и утре на средба за буџетот, Брегзит сè уште во ќорсокак


 Шефовите на држави и влади на ЕУ денес и утре ќе се сретнат во Брисел физички за редовниот декемвриски самит, главна тема, и најитна, на дневен ред е договорот за седумгодишниот буџет на Унија и Фондот за закрепнување од кризата, јавува дописничката на МИА од Брисел.

По недели блокади и преговори Унгарија и Полска се подготвени да се откажат од ветото за буџетот во замена за гаранции.

Варшава и Будимпешта се противат на механизмот за надзор на владеењето на правото вграден во буџетските правила на ЕУ, но вчера полскиот претседател Анджеј Дуда порача дека е постигнат преоден договор со другите ЕУ партнери.

Според информациите кои пристигнуваат од дипломатите од земјите членки на ЕУ постигнат е компромис кој ќе им овозможи на владите да побараат од Европската Комисија да не ги имплементира механизмите за надзор на владеењето на правото поврзани за буџетот додека бара правда пред Европскиот суд.

Ова е последниот предлог на германското претседателство за кое се очекува договор овие два дена во Брисел, останува да се види дали и какви промени ќе бараат лидерите за овој компромис за секој да може пред својата јавност да се декларира како победник. Холандија е посебно тврда во делот на владеењето на правото, додека Унгарија и Полска пред нивната јавност овој механизам го презентираат како „форсирање да се прифатат мигранти“.

Другото клучно досие за кое требаше да се постигне конечен договор на овој самит е Брегзит.

Обединетото Кралство конечно формално и целосно истапува од ЕУ од први јануари, со крајот на транзициската фаза, но повеќе точки сè уште висат во воздух помеѓу Лондон и Брисел.

Британскиот премиер Борис Џонсон допатува во Брисел вчеравечер за средба со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, но без резултати.

Двете страни си даваат до крајот на оваа седмица за компромис, по што не е исклучено Лондон да ја напушти ЕУ без претходен трговски договор, познато „Брегзит без договор“, најлошото сценарио според ЕУ.

Џонсон и фон дер Лајен се договориле дека преговарачките тимови интензивно ќе се состануваат во наредниот период за да изнајдат решение.