Лиценцата за парно ВМРО-ДПМНЕ ја дало на кипарска фирма со 5.000 евра влог


Фото: Б. Грданоски

По искажаните стравувања на пратеникот Александар Николоски дека скопјани зимава можеби ќе останат без парно греење, премиерот Димитар Ковачевски ја искористи расправата во Собранието за да соопшти дека ,  додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, лиценцата за снабдување со топлинска енергија ја дала на фирма регистрирана во Кипар со само 5.000 евра основачки влог. Најстрашно, рече тој, е што таа фирма немала лиценца за гас, а ќе го греела Скопје. Притоа му рече на Николоски да се распраша дали зад таа фирма стојат руски бизнисмени.

Ковачевски му рече на Николоски да го запраша поранешниот премиер Никола Груевски како се формирала оваа компанија своевремено.

– Топлинската енергија во Град Скопје ми е предизвик од 17 јануари, од мојот прв ден како премиер. Вашата влада и вашиот премиер дозволиле системот за загревање да биде продаден на компанија од Кипар со основачки влог од 5.000, која нема лиценца за снабдување со гас. Затоа Град Скопје требаше да го превземе, а БЕГ сега јавно кажа дека нема знаење и волја со тоа да управува. Треба да прашате кој ја регистрирал компанијата со 5.000 влог во Кипар,  дали се руски или не се руски олигарси и дали целиот систем го имаат заложено во банки во Луксембург, порача Ковачевски, а Николовски овој дел го премолчи и не реплицираше.

Ковачевски  рече дека државата ќе обезбеди оператор за затоплување на Скопје во грејната сезона, без оглед што Регулаторната комисија за енергетика му ги одзеде трите лиценци на БЕГ.